Француските власти заплениле 68 килограми кокаин во товарно возило управувано од 44-годишен македонски државјанин, откако добиле оперативни информации од македонската полиција.
Дрогата била пронајдена на наплатната станица Фонтен во Франција. Информациите ги обезбедила Единицата за недозволена трговија со дрога при Одделот за криминалистичка полиција на МВР, по што преку Секторот за меѓународна полициска соработка и Европол биле доставени до надлежните француски органи.
Од МВР информираат дека ова е втора успешна меѓународна акција во рок од еден месец, во која македонската полиција учествува со размена на оперативни информации. Претходно, соработката со грчката полиција резултираше со заплена на 324 килограми марихуана.
Според МВР, ваквите акции се резултат на меѓународната полициска соработка во борбата против организираниот криминал и нелегалната трговија со дрога.