Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека мора да престане со ликвидирањето на иранските лидери за да утврди со кого преговараат Соединетите Држави, и повтори дека на Иран никогаш не смее да му се дозволи да развие нуклеарно оружје.
„Морам да престанам да ги убивам иранските лидери, бидејќи морам да разберам со кого преговараме“, рече Трамп на предизборен митинг во Џорџија, пренесува „Дејли експрес“.
Трамп повтори дека Иран веќе нема авиони, бродови – ниту лидери.
„Нема лидер од прв ред, нема лидер ниту од втор ред“, рече Трамп.
Тој, исто така, ја бранеше својата одлука од 2018 година за повлекување на САД од иранскиот нуклеарен договор од 2015 година (склучен за време на мандатот на тогашниот претседател Барак Обама), наведувајќи дека ја донел таа одлука во клучен момент за да го спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје.
„Го раскинав еден од најлошите договори некогаш склучени – Заедничкиот сеопфатен план за дејствување (JCPOA) на Барак Хусеин Обама, познат и како ирански нуклеарен договор – кој водеше кон тоа Иран да се здобие со нуклеарно оружје. За среќа, го прекинав токму навреме“, тврди Трамп.
Тој повтори дека САД ги уништиле иранските постројки за збогатување ураниум во воени операции спроведени оваа и минатата година.
„Ги поразивме воено, финансиски и на други начини. Мораме да се осигуриме дека тие никогаш, ама баш никогаш, нема да дојдат до нуклеарно оружје“, повтори Трамп.