Граѓаните на Бугарија утре, 25 октомври, ќе гласаат на претседателски избори, на кои учествуваат 27 кандидати, објави 4news.mk Главната политичка трка се води меѓу актуелната претседателка Илијана Јотова и економистот Андреј Ѓуров, додека според анкетите и проценките на аналитичарите, се очекува втор круг на гласање на 1 ноември.
Јотова настапува како независна кандидатка, но ја има поддршката од владејачката партија „Прогресивна Бугарија“ на премиерот Румен Радев, како и од Бугарската социјалистичка партија, во која ја започнала својата политичка кариера.
Нејзиниот главен противкандидат, Андреј Ѓуров, е поранешен заменик-гувернер на Бугарската народна банка и поранешен премиер на техничката влада од почетокот на 2026 година. Неговата кандидатура е поддржана од прозападната реформска опозиција.
Според истражувањето на агенцијата „Маркет линкс“, спроведено од 13 до 19 октомври, Јотова има поддршка од 47,3 отсто од испитаниците, додека Ѓуров добил 30,6 отсто.
Сепак, аналитичарите предупредуваат дека изборите најверојатно нема да завршат во првиот круг.
За избор на претседател во првиот круг потребно е кандидатот да освои повеќе од половината од важечките гласови, а истовремено на гласање да излезат повеќе од 50 отсто од регистрираните избирачи.
Според проценките што ги пренесува Асошиејтед прес, излезноста би можела да биде под 40 отсто, што би значело одржување втор круг на 1 ноември.
Илијана Јотова, поранешна новинарка и европратеничка, ја извршуваше функцијата потпретседателка на Бугарија од 2017 година.
Во јануари 2026 година таа ја презеде претседателската функција, откако Румен Радев поднесе оставка за да учествува на предвремените парламентарни избори одржани на 19 април.
Пред изборите Радев ја формираше партијата „Прогресивна Бугарија“, која освои околу 43 отсто од гласовите, по што тој стана премиер.