Бугарската претседателка, Илијана Јотова, најави дека ќе побара оставка од началникот на Националната служба за обезбедување, генерал-мајор Емил Тонев, по инцидентот со новинарката Соња Колтуклиева, соопшти Бугарската национална телевизија.
Тонев, пак, изрази подготвеност да поднесе оставка од функцијата.
Јотова изјави дека е започната проверка во НСО и дека ги очекува првичните резултати, како и извештај од началникот на службата за да се утврдат сите околности околу инцидентот.
Засега, како што рече, гледа пропусти и очекува одговорност, како во однос на обезбедувањето на претседателката на бугарскиот парламент Михаела Доцова, така и во случајот со новинарката Колтуклиева.
Началникот Тонев, пак, соопшти дека е во тек службена проверка за постапувањето на припадниците на обезбедувањето за време на вчерашниот инцидент.
Изразил и подготвеност, како што се наведува во соопштението на Службата, поради случајот да поднесе оставка од функцијата.
Според него, дел од членовите на безбедносниот тим ќе бидат отстранети од работа до завршувањето на проверката, а доколку се утврди вина, ќе следуваат дисциплински мерки.
По распитот во Обвинителство, новинарката Соња Колтуклиева соопшти дека за инцидентот е отворена преткривична постапка.
Инцидентот се случи кога новинарката Колтуклиева се обиде да постави прашање до претседателката на бугарскиот парламент, Михаела Доцова, додека таа влегува во автомобилот.
Новинарката ѝ постави прашање на Доцова зошто се спречени седниците на кои треба да се испитаат околностите околу помилувањето на Огњан Атанасов, познат како „Петричкиот Ескобар“, од страна на Јотова.
Потоа, припадник на НСО ја турка новинарката, која паѓа на тротоарот.
Колтуклиева првично е пренесена во Воено-медицинската академија во Софија, каде што била прегледана и пуштена на домашно лекување.
Сепак, новинарката денеска соопшти дека се наоѓа во друга здравствена установа, болницата „Света Софија“, каде го продолжува лекувањето.
Лекарите констатирале дека таа се здобила со повеќе повреди, меѓу кои исчашено рамо, а постојат и сомневања за потрес на мозокот.