Претседателката на ЛДП, Моника Зајкова, ја предупреди јавноста дека најголемата закана за македонското општество не доаѓа само од надворешните блокади, туку од катастрофалните пропусти во нашето домашно законодавство и нефункционирањето на институциите.
-Додека функционерите деноноќно дебатираат дали Бугарија нѐ сака или не, нашиот правен систем има сериозни дупки поради кои границите функционираат како швајцарско сирење за криминалци, а социјалните мрежи и медиумскиот простор се преплавени со хибридни пропаганди, ботови и говор на омраза и тоа најмногу на штета на македонскиот надзор и државата – рече Зајкова на Алфа.
Според неа, исто како што ЕУ се штити себеси во односите со меѓународните партнери преку заштитни механизми, така и Македонија мора итно да изгради сопствени правни одбранбени бедеми и во процесот на пристапување.
-Премногу се фокусираме само на тоа дали некој од надвор нѐ сака, додека клучниот проблем лежи во нашите сопствени домашни пропусти и слаба легислатива. Не може да ја обвинуваме Европската Унија кога кај нас границите ни се швајцарско сирење и секој излегува и влегува кога сака.
Јас отворено и јавно подавам рака – да седнеме сите парламентарни партии заедно и да ги затвориме сите дупки во нашето домашно право преку кои утре можеме да бидеме подложни на туѓи апетити и пропаганди. Мораме да се заштитиме и да изградиме закони што ја чуваат државата – порача претседателката на ЛДП.