Мицкоски: Европа станува немирен вулкан, нема да дозволам нечесни игри и авантури

by vlatko 13:44
13:44

Премиерот Христијан Мицкоски, на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, предупреди дека нестабилноста во Европа и на Балканот може да се одрази и врз Македонија, притоа обвинувајќи дел од опозицијата дека е подготвена да учествува во политички провокации за лични интереси.

-Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме протестите, насилството во разни облици, присутни во Европа и кај нашите соседи – рече Мицкоски.

Тој посочи дека на Балканот службите никогаш не престануваат да работат и дека не би го изненадило доколку има обиди регионалните проблеми да се пренесат во Македонија.

-Нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие – изјави премиерот.

Во продолжение, тој упати обвинувања кон дел од опозицијата, тврдејќи дека постојат политички актери кои би можеле да учествуваат во такви активности поради лични интереси.

-А што се однесува до домашни актери за таква игра, тоа е многу лесно. Има неколкумина од опозицијата што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да направат – рече премиерот.

Мицкоски повика на зголемена свесност кај граѓаните и предупреди да не се подлегнува на провокации, вештачки наметнати прашања и, како што ги нарече, хиперболизирани етнички теми.

Според него, од евентуалните кризи корист би имале оние кои со децении профитираат на сметка на граѓаните.

-И затоа нема да дозволам никакви нечесни игри, ниту авантури. И ако некој мисли дека може да си игра со државата, нека не ја потценува државата, ниту пак народот – порача Мицкоски.

Слични вести