Србија влезе во изборен молк: Студентското движење е најсериозен предизвик за Вучиќ

by vlatko 10:34
10:34

Србија влезе во изборен молк на полноќ, во пресрет на вонредните парламентарни избори закажани за недела.

По речиси две години масовни студентски протести, политички судири и обвинувања за корупција и злоупотреба на институциите, во земјата се одржува неизвесна изборна трка.

Изборниот молк ќе трае до затворањето на гласачките места во недела, во 20 часот.

Во овој период е забрането јавно претставување кандидати и изборни програми во медиумите и на јавни собири, повикување на гласање за или против определени листи и објавување проценки за изборните резултати.

Според Републичката изборна комисија, право на глас имаат 6.450.523 граѓани, распоредени на 8.392 избирачки места, вклучително и 93 во странство.

За 250 пратенички места се натпреваруваат 18 изборни листи.

Последниот ден од кампањата беше одбележан со големи собири во Белград.

На плоштадот Славија, студентското движење одржа завршен митинг под мотото „Победата повикува“.

Според АФП, се собрале околу 150.000 луѓе.

Учесниците пристигнуваа во организирани колони од различни делови на Белград, но и од други градови низ Србија.

Истовремено, Српската напредна странка организираше завршен собир во спортската сала „Ранко Жеравица“, каде што Александар Вучиќ најави изборна победа, иако призна дека претстои тешка и неизвесна борба.

Ројтерс оценува дека студентското движење претставува најсериозен предизвик за политичката доминација на Вучиќ, кој на 27 септември поднесе оставка од претседателската функција за да се кандидира за премиер.

Движењето произлезе од протестите по уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, на 1 ноември 2024 година, кога загинаа 16 лица.

Барањата за одговорност постепено прераснаа во поширока борба против корупцијата и политичката контрола врз институциите.

Изборната кампања беше проследена со обвинувања за притисоци врз гласачите, злоупотреба на јавни ресурси, политичко насилство и нерамноправна медиумска застапеност.

Слични вести