Никогаш Северна. Премиер во опозиција на сопствената власт

by irena 13:31
13:31

Пишува: Александар НАУМОСКИ, член на Извршниот одбор на СДСМ

Ако во политиката постоеше олимписка дисциплина „скокање на ставови и атлетско превртување на зборови“, нашиот премиер Христијан Мицкоски не само што ќе освоеше златен медал, туку ќе ги срушеше и сите светски рекорди.

Сѐ уште ни одѕвонуваат во ушите громогласните изјави од опозициските денови. Сценариото беше епско: тој застанат пред говорница, решителен, со раката на срце н на коленици, каде со драматичен тон се колнеше дека: додека тој дише и додека ДПМНЕ постои, името „Северна“ нема да му помине преку уста“ и дека Договорот со Бугарија ќе биде заменет, поништен или барем преиначен со „одложено дејство“.

А потоа дојде денот за заклетва.

Со еден длабок здив и со елегантно анулирање на сѐ што кажувал додека дојде на власт по СЕДУМ години, премиерот пред целата јавност го изговори магичниот збор „Северна“. А кога новинарите, зачудени од оваа ненадејна амнезија, го прашаа што се случи со „никогаш“, добивме одговор што заслужува место во сите учебници по логика: „Реалноста е друга кога ќе влезете во институциите“.

Преведено на обичен јазик: „Тоа што ви го зборував на митинзи беше за гласови, а ова сега е за фотељи“.

Истото се случи и со познатиот „француски предлог“ и уставните измени. Пред изборите тоа беше „диктат под бугарска палка“ и „предавство од највисок ранг“. Денес? Денес тоа е „софистициран дипломатски процес во кој бараме одложено дејство“. Ставот не е сменет, не дај Боже, само е „модифициран за подобрување на нашата преговарачка позиција“.

Но, вистинската уметност на неговото владеење започнува кога ќе го прашате за резултатите.

По скоро три години на власт, ако го прашате премиерот зошто платите не растат со брзината на светлината како што беше ветено, или зошто цените во маркетите го рушат плафонскиот стандард, одговорот никогаш не е во неговиот кабинет.

Цените се високи? „Маркетите се ненаситни, а претходниците оставија разорена економија“.

Евроинтеграциите стојат во место? „Виновна е Софија, Брисел е неправеден, а СДСМ во минатото направи предавство од кое уште се опоравуваме“.

Инвестициите каснат и бегаат постојните? „Геополитичката криза во светот и лошите договори што ги наследивме“.

Ако утре заврне град со големина на тупаница, премиерот веројатно на вонредна прес-конференција ќе објасни дека облаците биле формирани уште за време на претходната гарнитура, а тој прави сѐ што е во негова моќ да ги растера со голи раце.

Најчудно од сѐ е што Мицкоски и понатаму зборува со истиот опозициски жар. Слушајќи ги неговите изјави каде со остар тон критикува како работите во државата „не чинат и мора поодлучно“, на човек му доаѓа да му каже: „Премиере, поднесете пријава до премиерот! Напишете му протестно писмо на оној што седи во вашата канцеларија!“

Тој успеа да создаде нов тип на функција: Премиер во опозиција на сопствената власт.

Ветувањата останаа да лебдат во воздухот како споменици на една креативна предизборна имагинација. Но, нема простор за паника. За сите неостварени ветувања од овој мандат, списокот на виновници е веќе уредно напишан и заверен. А тој? Тој е само жртва на реалноста, светската политика и претходните влади.

Што би рекле нашиве во крајот, абе остај го ТРЧИ ЛАЖИ Е! Или покоректно, нема човекот СВОЕ ЈАС!

Слични вести