Очекувам се она што го имаме постигнато во процесот на испорака во Реформската агенда, во многу скоро време да биде валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да го почнеме со процесот на преговори – порача премиерот Христијан Мицкоски во изјавата од Самитот на Берлинскиот процес, што денеска се одржува во Свети Стефан во Црна Гора.
– Факт е дека ние веќе имаме усогласена надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, дека сме многу напред во испорака кога станува збор за Реформската агента, дека буквално се што се бара од нас, а е поврзано со принципот по испорака да се оценува напредокот, ние тоа го правиме и го испорачуваме – рече Мицкоски во изјава за Националниот сервис.
Премиерот изрази очекување дека сето ова за кое што се зборува да биде во многу скоро време валоризирано и да се даде шанса конечно да можеме да го почнеме со процесот на преговори.
– Исто така истакнав дека постепеното или градуалното интегрирање претставува шанса и можност за сите нас, но тоа никако не смее да биде замена за полноправно членство во рамките на Европската Унија – подвлече Мицкоски.
Мицкоски претходно учествуваше и на работниот ручек посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан.
– Денеска присуствував на работниот ручек, посветен на иднината на Берлинскиот процес и улогата на младите во обликувањето на иднината на Западен Балкан. Регионалната соработка, размената на идеи и создавањето нови можности се важни чекори кон стабилен, просперитетен регион и забрзана европска интеграција – објави премиерот Мицкоски во објава на својот Фејсбук профил.
Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот што се одржува во Свети Стефан, Црна Гора, на кој се разговараше за економското поврзување на регионот, безбедноста и забрзување на интеграцијата во Европската Унија. Тој претходно изјави дека очекува силни пораки за интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија, како и суштински дискусии и конкретни резултати од денешниот Самит на Берлинскиот процес во Црна Гора.