Во Судски совет стигнале 90 барања за утврдување на одговорност на 161 судија

by valentina 09:50
09:50

Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците денеска ќе ги разгледува Извештајот на Судскиот буџетски совет за реализација на Судскиот буџет за 2025 година и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за истата година.

Според Годишниот извештај, во текот на 2025 година во Судскиот совет биле примени 90 нови барања за поведување постапка за утврдување одговорност, со кои биле опфатени 161 судија. Едно барање може да се однесува на повеќе судии. По секое барање бил оформен предмет по кој постапувала комисија за известители, составена од тројца членови на Советот избрани по пат на ждрепка.

Во текот на годината, Советот постапувал и по 425 претставки, од кои за 13 било одлучено дека се основани, додека останатите биле отфрлени како неосновани.

Најголемиот дел од претставките се однесувале на незадоволство од донесени судски одлуки, односно на жалбени наводи. Дел од нив се однесувале на одолговлекување на судските постапки и непочитување на законските рокови за преземање процесни дејствија.

Податоците од годишните извештаи за работата на судовите покажуваат дека судовите во земјава ја почнале 2025 година со 134.729 нерешени предмети. Во текот на годината примиле 540.122 нови предмети, со што вкупниот број предмети во работа достигнал 674.851.

Од нив биле решени 540.241 предмет, а на крајот на годината останале нерешени 134.610. Во извештаите се евидентирани и 217 погрешно заведени предмети.

Слични вести