ЕУ ја искара Србија да не доделува државјанства на Руси по забрзана постапка

by valentina 08:37
08:37

Европската Унија ги повика властите во Србија да ја прекинат практиката на доделување државјанство преку забрзана или поедноставена постапка на граѓани на земји кои претставуваат ризик од нелегална миграција или безбедносен ризик за ЕУ, меѓу кои е и Русија.

Тоа го изјави портпаролот на Европската комисија за РСЕ коментирајќи ја неодамнешната посета на министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на Русија. Прашањето за доделување државјанство е во надлежност на Министерството за внатрешни работи.

Според тој функционер, ЕУ е запознаена со официјалната посета на Дачиќ на Москва минатата недела, за време на која тој најави продолжување на интензивната соработка меѓу министерствата за внатрешни работи на двете земји. Посетата беше остварена само една недела пред вонредните парламентарни избори во Србија, што ќе се одржат на 25 октомври.

Портпаролот на Европската комисија истакна дека ставот на Брисел кон партнерите, вклучувајќи ги и земјите кандидати како Србија, отсекогаш бил јасен.

„Односите со Русија не можат да бидат нормални, ниту со режимот на Путин, ниту во сенка на неиспровоцираната и неоправдана војна на агресија на Русија против Украина“, изјави тој за РСЕ/РЛ.

Тој изјави дека Брисел сака да смета на Србија како на сигурен европски партнер кога станува збор за заеднички принципи, вредности, безбедност и просперитет. Додаде дека Србија треба да ја убеди ЕУ во својата стратешка посветеност.

„Затоа, Србија треба, како приоритет, да ги засили своите напори кон постепено усогласување со ставовите на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и санкциите против Русија“, рече портпаролот на ЕК.

Според него, Србија треба да се воздржи и од дејствија и изјави што се спротивставуваат на надворешнополитичката позиција на ЕУ.

Преговорите за пристапување на Србија се во застој речиси пет години, а последниот кластер во преговорите за пристапување го отвори во декември 2021 година, пренесе Бета.

Слични вести