Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека мирот во Украина е сè поблиску, оценувајќи дека „сме поблиску до мир отколку кога било претходно“. Тој му се заблагодари на рускиот претседател Владимир Путин за одлуката да го ослободи американскиот државјанин Стивен Хабард, кој во Русија беше осуден поради учество во борбите во рамките на украинската армија.
На прес-конференција во Белата куќа, Трамп истакна дека се обидува да избегне какви било погрешни чекори во услови на засилени напори од страна на Москва и Вашингтон за решавање на украинскиот конфликт.
„Последното нешто што го сакам е да расипам сè токму кога се приближуваме кон крајот на војната“, рече Трамп, одговарајќи на новинарско прашање за средбата на Путин со специјалниот пратеник на САД, Стив Виткоф, во Санкт Петербург.
„Во ваква ситуација, последното нешто што сакате да го направите е нешто скандалозно“, изјави Трамп. На прашањето дали се согласува со Виткоф, кој ја пофали хуманитарната геста на рускиот лидер, тој одговори дека смета оти „тоа може да се каже за оваа конкретна ситуација“.
Американскиот претседател нагласи дека високо го цени ослободувањето на Хабард и им се заблагодари на сите што придонеле за тоа.
„Сè беше договорено за време на телефонскиот разговор со претседателот Путин кон крајот на минатата недела. Многу го цениме тоа, а особено сакам да нагласам дека Соединетите Држави не дадоа ништо за возврат, што е многу ретко во вакви ситуации“, рече Трамп.