Повеќе од шест години, сега веќе починатиот Васко Јолески, претседател на Здружението „Храбро срце“ упорно водеше битка со државата за да му се изврши трансплантација на срце, што досега не е направена на ниту еден пациент, кој имал потреба од оваа интервенција, со оглед на тоа што околу 25 пациенти на годишно ниво завршуваат со механичко срце.
Сепак, најпрвo да објасниме – што значи механичко срце? Тоа, всушност, е уред што се вградува во постоечкото срце на пациентот, додека да се најде срце за трансплантација. Му помага на болниот да ја надмине срцевата слабост и да може да ги врати нормалните функции. Само едно механичко срце ја чини државата околу 125.000 евра.
Станува збор за пациенти со срцева слабост, на кои ниту медикаментозна терапија, ниту интервентна кардиологија не може да им помогне. Овој тип уреди се користи додека да се најде соодветен донор.
Јолески и како претседател на Здружението, но како пациент до последниот момент не прекина да ја води битката, но сепак не издржа. Тој во последните изјави за „Фокус“, постојано апелираше до надлежните и до владата да се посвети повеќе внимание на оваа тема и да се преземат конкретни чекори за развивање на трансплантната медицина и за подигање на свеста кај народот.
Јолески пред неколку месеци без двоумење, за „Фокус“ ја раскажа својата животна приказна. На него како дете му била дијагностицирана акутна лимфна леукемија по што 5-6 години бил лекуван во државната клиника со цитостатска терапија, за навидум болеста да биде излечена без последици.
–По лекувањето, еден период се правеа редовни контроли, но на волја на судбината ги загубив родителите прерано, на 13-годишна возраст, па контролите беа прекинати. Во следните години имав нормален живот, со нормални активности, дури и поактивен живот од нормален за таа возраст.
Во 2011 година, на 26-годишна возраст, за првпат почувствував сиптоми на срцева слабост по што и ми беше дијагностицирана срцева слабост, па сè до 2019-2020 година, состојбата ми беше третирана со лекови, а тогаш наеднаш состојбата се влоши и честопати бев хоспитализиран во болница, раскажуваше Јолески во мај.
Тој уште тогаш истакна дека неговата здравствена состојба е влошена и дека повеќе време поминува во болница, отколку дома. Почина на 40-годишна возраст.
На годишно ниво, во Македонија, околу 25 пациенти добиваат механичко срце, во кои влегуваат и оние новите, на кои истата година им е извршена интервенција, но затоа, пак, 6-7 пациенти умираат, што од тоа што не можеле да ја добијат битката, што и од негрижата на државата – конечно да се почне со трансплантација. Ги има и млади, и стари.
За првпат ваква операција во земјава е изведена пред речиси осум години, поточно во 2018 година на скопската Државна кардиохирургија. Педесет и четиригодишен пациент е првиот што доби механичко срце. Ваквите операции во странство, во Германија, чинат 340.000-350.000 евра, а во Македонија, вкупните трошоци не надминуваат повеќе од 120.000 евра.
Од друга страна, пак, во приватната болница „Аџибадем Систина“, првото механичко срце беше вградено, исто така во 2018 година, додека, пак, во „Жан Митрев клиник“ една година подоцна.
Ирена МУЛАЧКА