Двајца српски државјани биле лишени од слобода на граничниот премин Табановце, откако системот „Безбеден град“ регистрирал дека на автопатот А1, на делницата од тунелите Демир Капија до Гевгелија, возеле со брзина повеќе од двојно над дозволената.
На 18 октомври, во 19:05 часот, на излез од државата била лишена од слобода 36-годишната Н.З. од Србија. При проверка на автомобилот „мерцедес“ со српски регистарски ознаки што го управувала, полицијата утврдила дека системот „Безбеден град“ ја евидентирал за кривично дело „Безобѕирно управување со моторно возило“, според член 297-а од Кривичниот законик. Таа претходно возела со 169 километри на час на делница каде што максималната дозволена брзина е 80 километри на час.
Истиот ден, во 22:45 часот, на истиот граничен премин бил лишен од слобода и 58-годишниот В.Ж. од Србија. При проверката на автомобилот „ауди“ со српски регистарски ознаки што го управувал, било утврдено дека на истата делница возел со брзина од 175 километри на час, каде што ограничувањето е 80 километри на час.
Двајцата биле спроведени во полициска станица. По целосното документирање на случаите, против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.