„На вонредната седница на Советот на Општина Пробиштип, советникот од Левица Стефан Митевски отвори прашање кое ДПМНЕ очигледно сака да го турне под тепих – кој и зошто му ја подготвува иднината на Пробиштип како нова рударска зона“, велат од партијата Левица.
„Рудникот „Плавица – Црн Врв“ е даден под 30-годишна концесија, а формалниот концесионер денес е 100% во сопственост на австралиската Genesis Resources Limited. Додека македонското злато, бакар и сребро се под земја, правото на нивна експлоатација е во рацете на странски капитал.
Токму затоа Митевски побара „Плавица“ целосно да се избрише како рударска зона од Нацрт-просторниот план до 2040 година, како и да не се создава планска основа за нов рудник, флотација и ново јаловиште. Наместо нова експлоатација, побара постојното јаловиште и историското рударско загадување да станат државен приоритет за целосна санација.
Но, кога требаше да се расправа за иднината на Пробиштип, градоначалникот Тони Тоневски од ДПМНЕ се обиде да ја задуши дискусијата и да го замолкне советникот Митевски. Очигледно, на ДПМНЕ му пречи кога се зборува за тоа кој ќе го зема македонското богатство и пустошот што ќе остане зад нив.
ДПМНЕ да се обидува да ја задуши дискусијата, но не може да ја прикрие вистината. Левица ќе продолжи да зборува за „Плавица“, за австралискиот капитал што го контролира македонското богатство и за новата експлоатација која повторно би ја плаќале граѓаните на Пробиштип со загадување, уништена животна средина и неизвесна иднина“, се наведува во соопштението на партијата Левица.