Кандидатот за градоначалник на општина Брвеница од „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ, Аркин Јахиј вечерва изјави дека овие предвремени локални избори биле фер трка во која неговата опција е победник.
Тој им се заблагодари на сите гласачи за поддршката.
„Почитувани присутни, во една демократска и фер трка, според прелиминарните резултати, ние сме победници со 600 гласа. Сакав да кажам неколку зборови и за противниците во оваа трка, тоа беше една коректна трка, со посебна благодарност до противкандидатот кој исто така коректно ја водеше својата кампања. Ова беше само трка од првиот круг, ние продолжуваме во вториот круг, токму онака како што гласи и нашето мото – ‘Заедно за Брвеница’“, изјави Јахиј.
Тој рече дека финалната трка и, како што рече, нивната прославата ќе бидат на први ноември на вториот круг од изборите.
„Ја користам приликата да им се заблагодарам на сите наши активисти, на сите граѓани и на сите жители на општина Брвеница, без разлика кои и да се тие. Навистина, на овие избори покажавме едно повисоко ниво и тоа беше, би рекол, европска кампања во однос на одвивањето на процесот. Затоа, треба да бидеме среќни и поради фактот што одиме напред како општина Брвеница и што го подигнавме нашето ниво. Ви благодарам и нека ни е со среќа“, рече тој.
Како што соопшти Државната изборна комисија, според сто отсто обработени избирачки места, на предвремените локални избори за градоначалник на општина Брвеница води кандидатот Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ кој има 2 943 гласа, втор е кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ, Аркин Јахиј со 2 152 гласа, терт е Јакуп Усеини од Влен со 1 528 освоени гласа, а следуваат Јовица Радески од коалицијата предводена од СДСМ со 706 и независните кандидати – Душан Богдановски со 55 и Арифе Идризи со 21 глас.
Според овие резултати, извесно е дека за две недели ќе се одржи втор круг во кој влегуваат Стојанчо Радически од коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ и кандидатот на „Национална алијанса за интеграција“ предводена од ДУИ, Аркин Јахиј.