Државната изборна комисија (ДИК) ја активираше интернет-страницата за следење на резултатите од денешните предвремени избори за градоначалник на Општина Брвеница.
Според досега објавените податоци, во водство е Стојанчо Радичевски, кандидат на коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со освоени 891 глас. На второто место е Јакуп Усеини од коалицијата ВРЕДИ со 438 гласа, додека Јовица Радески, кандидат на коалицијата предводена од СДСМ, има 226 гласа.
Аркин Јахији од Националната алијанса за интеграција (НАИ) досега освоил 78 гласа, независниот кандидат Душан Богдановски добил 16, додека за независната кандидатка Арифе Идризи засега не е регистриран ниту еден глас.
ДИК ги објавува првичните резултати добиени по електронски пат постепено, како што пристигнуваат податоците од избирачките места. Резултатите од записниците на општинските изборни комисии треба да бидат објавени најдоцна 12 часа по завршувањето на гласањето, додека конечните резултати се објавуваат во рок од 24 часа од нивната конечност.
За 21:30 часот е закажана прес-конференција на ДИК, на која се очекува да бидат соопштени првичните неофицијални резултати од изборниот процес.
На избирачкиот список во Брвеница се запишани вкупно 16.256 граѓани со право на глас, меѓу кои 449 лица на привремена работа во странство и девет лица кои се наоѓаат во затвор или притвор.
Граѓаните денеска избираа меѓу шест кандидати за градоначалничката функција, а конечниот исход ќе биде познат по обработката и потврдувањето на сите изборни резултати.