Невладините до институциите: Сиромаштијата не е личен неуспех, туку погрешна политичка одлука

by vlatko 12:50
12:50

Македонската платформа против сиромаштијата и коалиција од граѓански здруженија испратија отворено писмо до Владата на 17 октомври, Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата, барајќи итна национална стратегија и конкретни системски мерки.

Околу 22 отсто од македонските граѓани живеат под прагот на сиромаштија, а речиси секое трето дете е изложено на директен социјален ризик. Граѓанскиот сектор бара прекин на институционалниот вакуум и третирање на социјалната правда како уставна и политичка одговорност.

Официјалните показатели претставени во отвореното писмо откриваат длабок јаз меѓу македонската реалност и европските социјални стандарди. Додека 29,5 отсто од децата во државата живеат во сиромаштија, дури 38 отсто се соочуваат со повеќедимензионална сиромаштија која директно им ги загрозува здравјето, развојот и безбедноста.

Само 19 отсто од домаќинствата со деца во земјата користат детски и семејни додатоци. За споредба, овој просек во Европската Унија достигнува 88 отсто. Најтешкиот социјален притисок паѓа врз самохраните родители, децата од многудетните семејства и ромската заедница.

Пристапот до предучилишно образование директно ја одредува социјалната иднина на семејствата. Само 45,5 отсто од децата на возраст од три до шест години посетуваат детски градинки, додека кај децата Роми овој опфат паѓа на 17 отсто. Просекот во земјите членки на ЕУ изнесува 95 отсто.

Овој дефицит на грижа системски ги турка жените надвор од пазарот на труд. Жените во државата извршуваат 72,5 отсто од неплатената домашна грижа за децата и старите лица. Поради ваквиот товар без институционална поддршка, повеќе од половина од работоспособните жени во Македонија се водат како економски неактивни.

Државата нема валидна стратегија против сиромаштијата уште од 2020 година. Постојаното префрлање на надлежностите меѓу централната и локалната власт создава институционален вакуум во кој социјалната заштита се сведува на минимална помош што го гази човековото достоинство.

Коалицијата предводена од Македонската платформа против сиромаштијата бара итно усвојување на долгорочна Национална стратегија, следејќи го европскиот модел за искоренување на сиромаштијата до 2050 година.

Барањата вклучуваат итно воведување на Европската гаранција за децата, универзален детски додаток, третирање на домувањето како основно човеково право и заштита на работниците преку надзор врз работничките права и намалување на приватните трошоци за здравство.

Отвореното писмо го потпишаа преку 50 здруженија на граѓани од Македонската платформа против сиромаштијата, заедно со Родовата платформа, Коалиција МАРГИНИ Скопје, Мрежата за заштита од дискриминација, Националниот младински совет на Македонија, Националната мрежа против насилство врз жени, Отворена Порта, Легис, Гоу Грин и Еврохаб агенда.

Слични вести