Министерството за животна средина итно да преземе мерки за решавање на проблемот со Југохром, бидејќи според она што ни е познато досега ништо не е преземено. Затоа побаравме најургентно да стартува работата со расчистување на депонијата во Јегновце, вели во видео- разговор за „Фокус“ извршната директорка на Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко – свест“ Ана Чоловиќ – Лешоска.
„ Нашата реакција беше затоа што прашањето за Југохром е познато веќе подолго време, а за жал ништо не се презема околу него. И, покрај тоа што во 2024 година има анализа и насоки што би требало да се прави понатаму во однос на овој проблем. Факт е дека ништо не е преземено и поради тоа беше важно да го кренеме прашањето на едно повисоко ниво“, нагласува Чоловиќ – Лешоска. Дополнува и дека „Еко свест“ не е експертската организација која треба да биде консултирана кое е најдоброто решение. Решенијата, вели, се дадени како опција во самата Студија на Градежниот институт, а едно од најизводливите е т.н. „саркофаг“ решение, односно бетонска обвивка, во која ќе се смести отпадната материја.
Освен Југохром, Чоловиќ-Лешоска посочува дека треба да продолжи она што се почна да се прави со расчистувањето на линданот во „Охис“, како и трајна санација на проблемите што произлегуваат од Топилницата во Велес, потоа санирање на земјиштето во РЕК Битола, решавање на проблемот со Лојане.
Но, најитно што мора да се случи е законот за заштита на почвите што е во предлог фаза и со кој се регулира прашањето за контаминирани продрачја мора да се постави на ЕНЕР и да почне консултација со јавноста за него бидејќи само така ќе може да се донесе подолгорочна стратегија за решавање на сите контаминирани подрачја во државата.
Подготвиле :
З.Фиданоски – О.Костов