Премиерот Христијан Мицкоски најави нова странска инвестиција во Македонија, појаснувајќи дека германската компанија „Кромберг и Шуберт“ ќе отвори нова фабрика, со што ќе се отворат нови 2.000 работни места.
-Денес ќе соопштиме уште една голема и значајна вест за македонската економија – нова инвестиција на германската компанија „Кромберг и Шуберт“, нови 2.000 работни места и производство на делови за германскиот автомобилски гигант „ауди“.
Ова е важна вест за нашата економија, но уште поважна за граѓаните, бидејќи зад секое ново работно место стои нова можност, поголема сигурност за семејствата, нова надеж и подобар живот. Ова е нашата програма, ова се нашите цели и вака ја градиме иднината. Со работа, инвестиции и конкретни резултати, напиша премиерот.
Тој додаде дека додека тие отварале нови работни места и создавале можности, опозицијата наместо со проекти и решенија, е исполнета со деструкција, лаги и политички опструкции.
-Разликата постои и секој ден станува сè повидлива. Ние продолжуваме да се бориме за секое работно место, за подобар живот и за нашата заедничка иднина!, заклучи премиерот.