Тошковски горд на полицијата: ФБИ ја потврди професионалноста

by valentina 09:47
09:47

Кога резултатите од работата на македонската полиција добиваат јавно признание од ФБИ, тоа е потврда дека посветеноста, професионалноста и меѓународната соработка даваат конкретни резултати. Ова на Фејсбук денеска го напиша министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

-„Успешното апсење на администраторот на криминалната платформа OLVX, реализирано во соработка со ФБИ, покажува дека македонската полиција има оперативен капацитет да биде рамноправен и доверлив партнер во борбата против транснационалниот сајбер-криминал. Особено сум горд на нашите полициски службеници, чија стручност и посветеност стојат зад овој успех”, напиша Тошковски.

Министерот во постот вели дека обврска е да продолжат да ги зајакнуваат капацитетите на македонската полиција и да ја оправдуваат довербата на меѓународните партнери.

Претходно, ФБИ упати официјална јавна благодарност до своите партнери од Одделот за сајбер криминал при Бирото за јавна безбедност на МВР на Северна Македонија, по повод успешното апсење на администраторот на илегалниот сајбер-маркетплејс „OLVX“.

Од американската служба истакнуваат дека оваа акција има историско значење бидејќи ја означува првата заедничка сајбер-операција координирана меѓу ФБИ и Северна Македонија.

Според информациите од истрагата, платформата „OLVX“, која била активна во периодот меѓу 2023 и 2025 година, незаконски ги препродавала личните податоци (PII) и акредитивите за најава на жртвите преку над 1.500 продажни сметки. Од ФБИ посочуваат дека постоењето на овој маркетплејс директно ја загрозило дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани кои се потпираат на интегритетот на сопствените кориснички сметки.

Слични вести