
Пишувал : Зоран ФИДАНОСКИ
Додека јавноста во Македонија летово се занимаваше и сè уште се занимава со она што се случува во Гостивар, каде што поради човечки фактор – целиот град и околината, седумдесетина илјади македонски граѓани, повеќе од еден месец останаа без вода за пиење, голем дел од периодот и воопшто со каква било вода за користење, како вистинска хидрогенска бомба (каква јазична парадигма) одекна веста што се појави пред една недела, дека и водата што доаѓа од Рашче и тече низ цевките на скопскиот водовод е во најмала рака сомнителна за пиење, небезбедна и можен причинител на заразни болести.
Информацијата се појави првично на социјалните мрежи и, како што функционира тој интернет-простор, со брзина на светлината, се прошири и се мултиплицираше, создавајќи вистинска хистерија меѓу над 600-те илјади жители на главниот град. Па, се појавило ешерихија коли, па имало еден куп што побарале помош на Инфективната клиника во Скопје, па почнаа да се празнат со голема брзина сите количества флаширана вода во скопските маркети.
Сè почна некој ден претходно, кога новинарот на Канал 5, Александар Видиновски, кој подолг период наназад споделува видеостории со жешки проблеми на темата екологија, објави едно такво од околината на Рашче, запознавајќи ја јавноста со потенцијалната еколошка бомба што може да ја предизвика дивата депонија, која со години егзистира таму и има потенцијална опасност да му наштети на изворот Рашче.
Веднаш реагираше опозицијата и со прес-конференција од самото место ја прозва власта дека таму сликата е страотна, дека се случува еколошки геноцид и дека треба итно да се реагира. Од СДСМ побараа институциите да утврдат што точно се депонира на локацијата, колку долго отпадот се остава таму и дали постои опасност загадувањето да стигне до подземните води. Партијата побара и јавно уверување дека водата што во моментов се дистрибуира во Скопје е безбедна за пиење.
Власта реагираше жестоко. Ја обвини опозицијата дека непотребно шири паника и хистерија. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски посочи дека сето тоа е оркестриран напад за кој некој ќе треба да одговара кривично. Најави дека ќе бидат повикани десетици граѓани на информативен разговор, а дека некој ќе треба да има последици за таквото однесување. Директно го впери прстот во опозицијата дека е виновна за настанатата ситуација и, очекувано, пред вклучените камери се напи чаша вода за да демантира јавно и лично дека скопската вода е небезбедна за пиење и опасна по здравјето на жителите на главниот град и сите што секојдневно од разни причини се присутни во него.
ПАНИКА СО ПРИЧИНА ИЛИ ХИБРИДЕН НАПАД?
Во деновите што следеа имаше канонада од жестоки партиски препукувања и меѓусебни обвинувања на власта и опозицијата. Во неа се вклучи и лично премиерот Христијан Мицкоски, кој пред медиумите излезе со тврдење дека опозицијата планирала да изведе хибриден напад на социјалните мрежи за водата во Скопје. А, власта знаела ден порано за тоа. Поради што, повеќе лица се повикани на информативни разговори во МВР.
Министерството за внатрешни работи спроведува истрага за случајот со кој, како што вели премиерот, се имаше цел да се внесе немир и несигурност кај граѓаните.
-Минатата година, слични хибридни напади преку социјалните мрежи имаше за пожарите, а претходно и на други теми дека државата ќе банкротира, дека ќе влезат илјадници мигранти, дека ќе имаме енергетска криза и слично. Се надевам дека со измени во Кривичниот законик ќе има одредба за вакви дела со кои свесно се создава хистерија, се врши хибриден напад и се создава немир и страв кај населението, рече Мицкоски и додаде дека зад случајот не е исклучено да има и комерцијални обиди, бидејќи маркетите ги испразнија резервите на вода. Тој информира дека истрагата на МВР е во тек и дека од таму ќе се чекаат деталите за случајот.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство оформи предмет по допрен глас за да ги провери информациите поврзани со отпадот во заштитеното подрачје во близина на изворите Рашче. Во фокусот на проверките се можните елементи на кривично дело против животната средина, како и евентуалната одговорност за загадување или несовесно постапување со отпад. А, градоначалникот Ѓорѓиевски стартуваше со расчистување на дивата депонија, што го покажа и со објавени видеостории на неговите профили на социјалните мрежи.
Но, зад вака поставената „сцена“ што ја преплави државата во последниве седум-осум, можеби десет дена, демне вистинска опасност за изворот на Рашче. Со негативен потенцијал од такви размери, што при неговото опишување – зборот катастрофа ќе звучи премеко. Зборуваме за индустрискиот отпад и јаловината што се наоѓаат во кругот на некогашниот металуршко-хемиски комбинат „Југохром“ и исклучително токсичниот шествалентен хром што го содржи тој. Или, кажано поинаку, приказната за Рашче не почнува од минатата недела. Таа трае со децении, некаде од шеесеттите години на минатиот век. И, затоа во право се оние што тврдат дека вистинското прашање не е – „дали денес водата во главниот град е загадена“, туку – „што правиме како држава за хромот од Јегуновце никогаш да не биде причина утре да се затворат чешмите во Скопје?“
Години наназад, и од официјалните институции, и од екологистите, и од најрелевантните стручни познавачи на материјата, индустриската депонија кај „Југохром“ е означена како еколошка жешка точка број еден во Македонија. Студијата што специјално за овој проблем ја изработи Градежниот институт и која се смета за најрелевантен документ што се занимава со причините и можните решенија на оваа еколошка супербомба, депонијата ја означува како простор со екстремна контаминација. Подземните води околу неа покажуваат дека концентрациите на исклучително токсичниот шествалентен хром опасен по здравјето се, внимавајте, од 50 до 100 илјади пати повеќе од максимално дозволените.
ЈЕГУНОВЦЕ – ЕКОЛОШКА ЖЕШКА ТОЧКА БРОЈ ЕДЕН
Близу 7.400 тони од овој исклучително канцероген отпад, кои се складирани на само еден километар од селото Јегуновце, се закануваат трајно да го загадат изворот Рашче и да го остават Скопје без чиста вода за пиење, поточно без каква било вода за употреба. Индустрискиот отпад, фрлан уште пред повеќе од половина век на површина од 7,5 хектари е растворлив во вода, но и покрај тоа сè уште стои необезбеден.
За да се добие појасна претстава за каква опасност станува збор, „Фокус“ се обрати за мислење и упати прашања до двајца исклучителни познавачи на проблемот, веројатно најкомпетентни да дадат одговор на сите прашања, универзитетските професори Трајче Стафилов и Златко Илијоски. И двајцата се согласуваат дека во моментов, квалитетот на водата што доаѓа од изворот Рашче е одличен, но и дека мора најитно да се преземат сите чекори за тоа ниво да опстои и во иднина.
Пред воопшто да се навлезе во проблематиката наречена – „решавање на индустриската депонија во Јегуновце“, веројатно е најдборо да се стартува со прашањето – што е шествалентен хром, какви се неговите својства и колку е опасен по здравјето на луѓето?
-Токсичноста на хромот зависи исклучиво од неговата хемиска форма, при што чистото метално соединение не е токсично, тривалентниот хром (Cr3+) е безбеден и неопходен за организмот во мали дози (во повисоки е штетен), додека шествалентниот хром (Cr6+) е исклучително токсичен, опасен и докажан канцероген за луѓето. Тој, исто така, предизвикува кардиоваскуларни заболувања, дијабетес, како и сериозни респираторни проблеми. Понатаму, хемиските соединенија во кои хромот е застапен во форма на Cr6+ се релативно лесно растворливи во вода и затоа неговата концентрација во подземните води во просторот околу депонијата се извонредно високи, вели за „Фокус“, универзитетскиот професор во пензија од Катедрата по хемија на Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов.
Тој не ја исклучува и можноста, водите од изворот Рашче да станат целосно неупотребливи ако таквиот хром, кој е лесно растворлив во вода, случајно се измеша со изворските води.
-Не може точно да се пресмета, но во секој случај, поради неговите високи концентрации во подземните води, во некои критични ситуации и при континуираното негово внесување во подземните води може да се очекува и таква состојба. Кога станува збор за граничната концентрација за вкупен хром во водата за пиење, таа треба да изнесува најмногу 0,05 mg/L, додека во водите од природните извори, горната граница е 0,01 mg/L. Доколку овие граници се надминат, задолжително треба да се забрани таквата вода да се користи како вода за пиење, нагласува професорот Стафилов.
Според него, депонијата на троска кај Јегуновце е една од најкритичните индустриски жешки точки во Македонија, ако не и најкритична. Таа претставува сериозен потенцијален ризик за загадување на водите од реката Вардар, како и на блискиот Жеденски подземен водоносен слој од каде што извира изворот Рашче, кој градот Скопје и околината ги снабдува со вода за пиење.
-Депонијата се наоѓа на околу еден километар северно од селото Јегуновце на површина од 7,5 хектари со максимална висина до 36 m и содржи 2,2 милиони тони отпад депониран во периодот од 1963 до 2016. Отпадот главно се состои од металуршка троска во која е депониран и околу 300 илјади тони т.н. бихроматна мил, кој се добивал како отпаден материјал од производството на хроматни соли (најмногу натриум бихромат). Пресметано е дека во овој бихроматен мил има над седум илјади тони хром (во форма на хроматни соединенија), во кои хромот е во форма на шествалентен хром (Cr6+). Овие соединенија се растворливи од дождовните води и сите досегашни студии на овој локалитет покажуваат значително зголемени концентрации на хром (па, и на шествалентен хром), во подземните води во просторот на депонијата. Во меѓувреме, на неколку локации се инсталирани системи за одводнување за да се соберат контаминираните подземни води и да се испумпуваат до пречистителната станица за отпадни води. Испитувањата покажале дека подземните води во просторот на депонијата се контаминирани со Cr6+, што претставува ризик од можна контаминација на подземните води што го напојуваат главниот извор Рашче, од кој се снабдува со водата за пиење градот Скопје. Дополнително се реализирани и други студии и утврдено е дека отпадниот материјал е депониран врз необезбедна подлога од алувијално потекло со правец на движење на подземните води од запад кон реката Вардар и Жеденскиот карстен масив. Површината на депонијата е отворена и незаштитена од атмосферски влијанија и затоа загадувањето на подземните води во околината е постојано и со извонредно високи измерени концентрации на Cr6+, кои во некои случаи надминуваат многу илјади пати над дозволената концентрација за подземни води, потенцира Стафилов.
Тој апелира дека овој проблем мора да се стави во најприоритетните за решавање, затоа што станува збор за можна контаминација на извор што го снабдува главниот град на државата секојдневно со вода за пиење и санитарни потреби на населението.
ЗАСЕГА НЀ ЧУВА ГОСПОД
Депонијата во Јегуновце, дефинитивно, влегува во категоријата депонии со многу опасен отпад, во кој има над 350 илјади тони бихроматно блато што во себе содржи близу 7.400 тони од фамозниот шествалентен хром. И тоа секогаш треба да се има предвид. А, локацијата на која е создадена е несреќно избрана, бидејќи се наоѓа непосредно до текот на реката Вардар, вели колегата на Стафилов – универзитетскиот професор Златко Илијоски, кој е еден од потписниците на Студијата на Градежниот институт за целосна санација на депонијата.
-Нас нè чувал Господ. Веројатно тој знаел со што ќе се соочи овде на овој простор (каде што се наоѓа депонијата) и со какви луѓе ќе си има работа. И, целата наша неодговорност успеал да ја заштити и покрие, со поставување глинена завеса. Станува збор за природна завеса, која некако се нашла во таа состојба да биде брана што не дозволува подземните води од Јегуновце да допрат до водите што влегуваат во изворот Рашче. Но, ние не можеме да сметаме дека таквата заштита ќе биде бесконечна, објаснува Илијоски.
Колку за споредба, посочува тој, ако се раствори само еден грам од таквиот шествалентен хром, ќе се загадат 100 илјади литри вода. Ако се стават 2,7 килограми, тогаш тоа е доволно да се контаминира дневната потрошувачка на вода на скопјани, со еден тон, ќе се затруе количество на вода што главниот град ја троши во текот на една година. А, ако се растворат сите речиси 7,4 илјади тони хром, со нив ќе се контаминира вода, која по количеството е 12 пати поголема од таа што во себе ја содржи Охридско Езеро. Или, кажано поинаку, тоа е количество вода што ги задоволува светските потреби за пиење во текот на една година. Затоа што, како што посочува Илијоски, подземните води во и околу Јегуновце се со концентрација на хром од 50, па и 100 илјади пати повеќе од максимално дозволената.
Илијоски вели дека најургентно треба да се пристапи кон решавање на оваа „темпирана“ бомба за да не биде предоцна. Во 2019 година, анализата на водите на Вардар покажале дека, тие пред депонијата се исправни, а по депонијата, на нецели 100 метри од Југохром, имаат седумпати повеќе од дозволеното загадување. Истата година направени се три опити во самата глинена завеса, која ги одвојува водите од Јегуновце и тие што се слеваат во Рашче. Двапати, концентрацијата на хром била во дозволените граници, но еднаш таа била над дозволениот праг.
-Депонијата содржи над 2,2 милиони тони отпад со хром, кои, ако сакаме да ги дислоцираат, ќе ни требаат најмалку 100 илјади камиони. Тоа е како да наредите камиони од Јегуновце до крајниот север на Шведска. И тоа е практично неизводливо. И токму затоа во нарачаната и изработена Студија нудиме неколку, поточно седум варијатни за можно решение. Ваквото физичко изнесување, ако се знае цената по килограм отпад, би ја чинело државата близу седум милијарди евра, што е исклучителмно скапо. Друга варијатна е преработка и реупотреба на отпадот, но тоа временски како процес би се одвивало барем 30-40 години, што, пак, е предолго. Се размислувало за локална дислокација или за пренесување депонија на ниво на држава некаде на друго место, но и тие опции носат со себе серија опасности.
Од сите понудени варијанти на решение, најдолгорочно и најефикасно е т.н. „саркофаг“ решение. Или, со други зборови, да се помести 300-400 метри во претходно потполно подготвен простор со сите неопходни заштити. Со него долгорочно ќе се обезбеди ваквиот многу опасен отпад. За оваа операција се потребни пет години и околу 50-тина милиони евра, што и временски и финансиски е прифатливо. И треба час поскоро да се стартува, потенцира Илијоски.
МОЛК ОД ЖИВОТНА СРЕДИНА
Паралелно, ќе треба да се санираат и пречистителната станица за отпадни води, која е исклучително стара. Во функција е од 1991 година, неадекватна е и нема доволен капацитет, а и функцијата на дренажниот систен е дискутабилна.
Бидејќи станицата е на Министерството за животна средина, а тие по редот на нештата како институција треба да се носители на целиот проект што може да се нарече – дислокација и обезбедување на депонијата, „Фокус“ се обрати на адреса на Министерството, со намера да добие одговор на неколку прашања.
– До која фаза е решавањето на проблемот со натрупаната депонија полна со шествалентен хром во Јегуновце?
– Дали Студијата што е изработена по нарачка на Министерството од Градежниот институт на Македонија е почната со реализација?
– Имаат ли предвидено временски тајминг целосно и по фази кога целосно ќе го решите ова прашање, кое е исклучително итно според кажувањата на експертите со потенцијална опасност да го затруе изворот Рашче и да предизвика катастрофални последици?
– Со кои други институции, Министерството е во координација за ова прашање?
– Кога скопјани и тие што живеат во скопскиот регион, а и оние што секојдневно од разни причини престојуваат во главниот град и сочинуваат сигурно повеќе од една третина од вкупното население, ќе може да бидат сигурни дека единствениот извор на питка вода за нив е дефинитивно и долгорочно безбеден?
Одговор, до затворањето на овој број на неделникот – не добивме.
Со решението за покривање на депонијата и инсталација на дренажи, како и со санирањето на пречистителната станица, кое, според некои проценки, би чинело околу 20 милиони евра, проблемот долгорочно не се решава, но би можело да обезбеди дополнително време за имплементација на трајно решение. А, тоа, како што веќе е споменато погоре, треба да биде т.н. „саркофаг“ решение, за што, велат упатените, државата има и капацитет и финансии да го направи. Потребна е уште сериозна демонстрација на волја и посветеност тоа да се заврши.
А, дотогаш, иако состојбата со изворот Рашче е стабилна, а водата за пиење е квалитетна, треба сериозно да се размислува за алтернативни извори со снабдување. Што веќе се испитува и се подготвува од градот Скопје. Бунарите Лепенец и Нерези, изворот Врело на Матка, а веќе се испитуваат и три нови локации како можни бунарски подрачја за добивање вода за скопјани. Но, тоа е веќе друга сторија.
ХРВАТИТЕ НЕ ЧЕКААТ ДА ИМ СЕ КАЖЕ ДВАПАТИ
Како другите држави постапуваат со ваков еколошки проблем, можеби најдобро се гледа од примерот со Хрватска, кој е најактуелен. Станува збор за депонија во околината на градот Госпиќ, која е високо токсична и штетна по здравјето на луѓето. Но, за разлика од кај нас, тамошниот пример покажува на експресна реакција на надлежните.
Поточно, Канцеларијата на претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ, во вторникот го примил барањето на претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, за свикување вонредна седница. Најавите се дека таа ќе биде свикана најдоцна до средината на следната недела.
Барањето содржи дневен ред со четири точки.
Првата точка е заклучок со кој Саборот би ја задолжил владата итно да почне со трајна санација на депонијата, како и со постојан надзор над загадувањето на подземните води и животната средина. Владата би требало, за преземените мерки и утврдените наоди, да го извести Саборот во рок од 15 дена, а потоа да поднесува извештаи на секои 30 дена.
Втората точка е заклучок со кој претседателот бара владата во рок од три дена да прими претставници на граѓаните и граѓанските иницијативи, и да ги информира за состојбата и планираните мерки.
Третата точка е заклучок со кој владата се задолжува веднаш, а најдоцна во рок од 15 дена, да именува главен државен инспектор на Државниот инспекторат.
Четвртата точка е заклучок со кој на Државниот инспекторат му се наложува веднаш да почне надзор над сите депонии во Хрватска за кои постојат оправдани сомневања дека содржат опасен или незаконски одложен отпад.
Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во бројот 1.611 од 20 август 2026 година