Државната изборна комисија (ДИК) ја утврди содржината, изгледот и безбедносните елементи на гласачкото ливче за предвремените избори за градоначалник на Општина Брвеница, кои треба да се одржат на 18 октомври 2026 година. За градоначалничката функција ќе се натпреваруваат шест кандидати, чиј редослед на гласачкото ливче веќе е утврден.
Од ДИК информираат дека одлуката за изгледот и заштитата на гласачкото ливче била донесена на затворен дел од седницата, со цел да се зачува доверливоста на изборниот материјал и да се обезбеди интегритетот на изборниот процес.
Како што појаснуваат од Комисијата, ваквиот начин на постапување е во согласност со Изборниот законик и членот 33 од Деловникот за работа на ДИК. За затворениот дел од седницата е изготвен посебен записник, кој заедно со тонската снимка ќе биде архивиран, но нема да биде јавно објавен.
При подготовката на гласачкото ливче, според ДИК, биле почитувани сите законски одредби што се однесуваат на неговата содржина и јазичната застапеност.
Ливчето ќе биде испечатено на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на службениот јазик и писмо што го користат најмалку 20 отсто од жителите на Општина Брвеница. Дополнително, во согласност со законските правила, ќе биде застапен и јазикот и писмото на заедницата на која ѝ припаѓаат кандидатите.
На гласачкото ливче ќе бидат наведени името на општината, бројот на гласачкото место, називот и симболот на подносителот на кандидатската листа, како и редниот број, името и презимето на секој кандидат.
Делот од ливчето што останува на кочанот ќе ги содржи серискиот број, името на општината и бројот на гласачкото место.
Редоследот на шестмината кандидати бил утврден на претходните седници на ДИК.
Под реден број еден ќе биде Стојанчо Радичевски, кандидат на Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
На второто место на гласачкото ливче ќе биде Јовица Радески, предложен од коалицијата предводена од СДСМ, додека под реден број три ќе настапи Душан Богдановски, кандидат предложен од група избирачи.
Четврт на листата е Јакуп Хусеини, кандидат на Влен, а под реден број пет ќе биде Арифе Идризи, предложена од група избирачи.
Последен, под реден број шест, ќе биде Аркин Јахији, кандидат на Коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ).
Предвремените избори во Брвеница беа распишани по ненадејната смрт на досегашниот градоначалник Јовица Илиевски, кој на локалните избори одржани есента минатата година освои втор мандат за раководење со општината.
Со утврдувањето на изгледот и содржината на гласачкото ливче, ДИК продолжува со подготовките за изборниот процес што треба да се одржи на 18 октомври, кога жителите на Брвеница ќе избираат нов градоначалник.