Груби од денеска е слободен граѓанин, излезе од куќен притвор

by valentina 11:23
11:23

Поранешниниот вицепремиер Артан Груби од денеска повторно е слободен граѓанин, бидејќи истече законскиот рок на мерката куќен притвор. Тој речиси осум месеци беше во домашен притвор, а од денеска движењето во државата повеќе не му е ограничено.

Денеска се очекува да биде познато и дали на Груби ќе му биде вратен пасошот, за кој понуди гаранција од 335.707 евра.

-Обвинителниот предлог, по кој е заведен кривичниот предмет, е поднесен на 13 август 2026 година. Согласно член 470 од Законот за кривичната постапка, притворот може да трае најдолго 60 дена од денот на поднесувањето на обвинителниот предлог. Заради тоа, како што беше посочено и претходно, а истото беше потенцирано и од страна на судијата кој постапува по предметот, по сила на Законот, мерката куќен притвор за овој обвинет истекува на 13 октомври 2026 година. Воедно, покрај мерката куќен притвор, против обвинетиот е определена и дополнителна мерка на претпазливост, односно привремено одземање на патната исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница, која ќе продолжи да важи и по истекот на законски предвидените 60 дена. Во однос на оваа мерка на претпазливост, одбраната до Судот достави предлог, со кој, согласно член 150 од Законот за кривичната постапка, предлага нејзино укинување со определување гаранција. Имено, одбраната понуди недвижен имот во вредност од 335.707 евра како гаранција дека обвинетиот ќе биде достапен на органите на прогонот во текот на кривичната постапка, информираат неодамна од Кривичниот суд.

Груби е обвинет во случајот „Државна лотарија“, заедно со поранешниот директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, како и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу.

Обвинението, кое го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, се однесува на дејства преземени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државната лотарија“ во износ од 9,7 милиони евра.

Во овој случај, за време на истрагата, првичното дело „Проневера“ за кое се гонеа обвинетите и за кое се запретени високи затворски казни, беше преквалификувано во „Злоупотреба на службената положба“, бидејќи истрагата не обезбедила доволно докази за проневера. За ова дело е предвидена казна од една до пет години затвор.

В.В.

Слични вести