СДСМ: Црна Гора и Албанија напредуваат кон ЕУ, Мицкоски ја води Македонија во изолација

by irena 08:47
08:47

Црна Гора затвори уште три преговарачки поглавја со Европската Унија, Албанија едно, додека Македонија продолжува да заостанува во евроинтеграцискиот процес, реагираат од СДСМ, обвинувајќи ја Владата на Христијан Мицкоски за политичка изолација на државата.

Од опозициската партија посочуваат дека Црна Гора досега затворила 21 од вкупно 33 преговарачки поглавја и има цел да ги заврши преговорите до крајот на годината, со перспектива за членство во 2028 година.

Во соопштението се наведува дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздравила напредокот со оценка дека станува збор за значаен чекор кон покомплетна Европска Унија.

СДСМ смета дека Македонија, која претходно била во иста група со земјите што сега напредуваат, останува во застој поради политиките на актуелната власт.

„Како Вучиќ што ја изолира Србија, така и Мицкоски, следејќи го примерот на својот ментор, ја изолира Македонија“, се наведува во партиското соопштение.

Од СДСМ тврдат дека зад блокирањето на реформите стојат руски интереси и страв од воспоставување механизми за независна истрага и одговорност за корупција, вклучително и соработка со Европското јавно обвинителство, предводено од Лаура Ковеши.

Партијата ја обвинува власта дека ги одложува реформите во правосудството и дека не ги исполнила најавените рокови, меѓу кои и рокот од 1 јуни. Според СДСМ, наместо конкретни резултати, премиерот користи политички споредби и други теми за да го пренасочи вниманието од обврските во евроинтеграцискиот процес.

Во соопштението се упатуваат критики и кон ЗНАМ и Левица, за кои СДСМ тврди дека придонесуваат за дефокусирање на јавноста од европските реформи.

Од партијата нагласуваат дека членството во Европската Унија подразбира владеење на правото, независни институции, слободни медиуми и одговорност за злоупотребите на јавните средства, принципи кои, според нив, актуелната власт не сака да ги спроведе.

Слични вести