Двајца странски планинари се заглавиле на врвот Пирибег на Шар Планина, со часови траела спасувачката мисија на македонските и косовските спасувачи

by valentina 18:42
18:42

Двајца странски државјани, кои поради лошите временски услови останале заглавени на врвот Пирибег, висок 2.524 метри, во близина на македонско-косовската граница, денеска биле успешно извлечени од спасувачки екипи од Косово, по акција координирана од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Планинарите се пронајдени во добра здравствена состојба и се транспортираат кон Штрпце, Косово.

Пријавата за заглавените планинари пристигнала утрово во 8:22 часот на единствениот број за итни повици 112. Двајцата странски државјани, кои планинареле кон врвот Пирибег, биле затекнати од дожд и магла, поради што побарале засолниште во планинарски објект на македонска територија, недалеку од границата со Косово.

Од ЦУК утврдија дека пристапот до објектот од македонска страна е можен само пеш, за што биле потребни повеќе од шест часа во еден правец. Поради густата магла и дождот не било можно ниту ангажирање хеликоптер.

Бидејќи од косовска страна постои пристапен пат од скијачкиот центар Брезовица до планинарскиот објект, било одлучено спасувањето да се организира преку Косово.

ЦУК воспоставил комуникација со надлежните домашни служби, ЈП „Национални шуми“ и со косовската служба за пребарување и спасување во планина, која презела активности за извлекување на планинарите.

Околу 11:45 часот, ЦУК успеал директно да стапи во контакт со еден од заглавените планинари и го известил дека спасувачка екипа од Косово е на пат кон нив.

Во 14:21 часот косовските спасувачи потврдиле дека двајцата планинари се во добра здравствена состојба и дека постојано комуницираат со нив.

Конечно, во 16:50 часот, ЦУК добил потврда дека двајцата странски државјани се пронајдени и безбедно се извлекуваат кон Штрпце.

Од Центарот за управување со кризи соопштија дека во текот на целата акција ја координирале комуникацијата меѓу македонските и косовските служби за успешно спасување на планинарите.

Слични вести