Силно невреме проследено со торнадо го зафати западниот дел на италијанскиот остров Сицилија, предизвикувајќи голема материјална штета и повредувајќи најмалку 11 лица. Најпогодени се подрачјата околу Марсала и Петрозино, каде што силните ветрови оштетиле станбени објекти, превртувале автомобили и корнеле дрвја и електрични столбови.
Според првичните информации, невремето започнало над морето, во близина на пристаништето во Марсала, каде што биле забележани два водени витела. По нивното приближување кон брегот, временската појава добила на интензитет и продолжила кон копното, погодувајќи ги Марсала, Петрозино и делови од Мазара дел Вало.
Особено драматична била ситуацијата во Петрозино, каде што силниот ветер зафатил автомобил и го исфрлил во провалија. Во возилото се наоѓале две лица, кои биле извлечени од спасувачките екипи и пренесени во болница за укажување медицинска помош.
Голема штета е регистрирана и во училиштето „Алчиде Де Гаспери“ во Марсала, во кое за време на невремето престојувале повеќе од 270 ученици. Силните налети на ветерот искршиле прозорци, оштетиле делови од покривот и предизвикале штета во внатрешноста на објектот. Неколку деца се здобиле со полесни повреди.
На повеќе локации биле забележани превртени автомобили, откорнати дрвја и оштетени покриви на куќи. Паднатите електрични столбови и расфрланиот градежен материјал дополнително ја отежнале состојбата во погодените населени места.
На терен биле испратени пожарникарски и спасувачки екипи од повеќе делови на Сицилија, кои работат на расчистување на последиците, обезбедување на оштетените објекти и помош на населението.
Шефот на регионалната Цивилна заштита, Салваторе Кочина, го опишал торнадото како исклучително силна и невообичаена временска појава за овој дел од Италија.
„Беше речиси како американско торнадо. Никој не памети нешто со толкави размери“, изјавил Кочина, според пренесените информации.
Тој посочил дека уште во септември постоеле предупредувања за можни екстремни временски појави, поради исклучително високите температури во текот на летото и големото количество топлина акумулирано во морето.
Претседателот на регионот Сицилија, Ренато Шифани, најавил обезбедување итна финансиска помош за погодените подрачја, со цел побрзо санирање на штетите и поддршка на граѓаните чии домови и имот биле оштетени.
Надлежните служби продолжуваат со проценката на материјалната штета, додека предупредувањата за дожд и нестабилни временски услови остануваат во сила