Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија, но условите за нејзиниот напредок остануваат непроменети од 2022 година, изјави бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова по билатералната средба со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски во Софија.
„Одржавме конструктивна билатерална средба со министерот Муцунски. Таа беше побарана од страна на Македонија и јас ја прифатив. Бугарија ја поддржува европската перспектива на Македонија, при што условите за неа остануваат непроменети од 2022 година. Очекуваме да бидат исполнети како уставните измени, така и сите останати елементи од договорениот консензус“, истакна Петрова.
Таа соопшти дека од Муцунски побарала да го претстави ставот на Скопје за роковите во кои ќе бидат исполнети преземените обврски.
„Од нивна страна ставот е дека треба да се изгради чувство на доверба. За мене основниот начин да изградиме доверба е исполнувањето на обврските. Се надевам дека ќе видиме позитивни чекори во таа насока“, изјави министерката за надворешни работи.
Петрова посочи дека другите држави од Западен Балкан, меѓу кои Албанија и Црна Гора, покажуваат политичка волја за напредок на нивниот европски пат.
„Се надевам дека тоа ќе се случи и со Македонија“, додаде таа.
Бугарската министерка за надворешни работи нагласи дека Софија не поставува дополнителни услови пред Скопје.