Американскиот државен секретар Марко Рубио денеска изјави дека Вашингтон ќе продолжи со напорите за постигнување договор за ставање крај на војната меѓу Русија и Украина, предупредувајќи дека обидите за надминување на воениот застој би можеле да го прошират конфликтот.
„Се обидовме и ќе продолжиме да правиме сè што е во наша моќ за да овозможиме преговаран договор и да ставиме крај на таа војна“, им рече Рубио на новинарите за време на заедничкото обраќање со португалскиот министер за надворешни работи Пауло Рангел во Лисабон.
Говорејќи на последната станица од својата европска турнеја, Рубио предупреди дека војната достигнала опасен застој, кој, според него, може да се реши преку дипломатија или преку проширување на борбите.
Тој нагласи дека обидите на која било од страните да се стави крај на воената блокада носат ризик од ескалација и од претворање на војната во многу поширок регионален конфликт.
Рубио предупреди дека обидите за надминување на застојот на бојното поле би можеле да поттикнат „кампања на саботажа“ во соседните земји-членки на НАТО или да доведат до поширок напад.
Ваквиот развој на настаните би можел брзо да ги претвори тековните борби во многу поширок и „поопасен“ регионален конфликт, предупреди американскиот државен секретар.
Рубио ги повика двете страни да седнат на преговарачка маса, истакнувајќи дека Вашингтон не гледа воено решение за завршување на војната.
„На крајот на краиштата, не веруваме дека постои воено решение за овој конфликт, за оваа војна“, рече тој.
Истовремено, тој потврди дека САД се подготвени да помогнат во започнувањето на преговорите што е можно поскоро, пренесува „Анадолија“.