Лекарот Дарко Василевски, кој синоќа по шест дена го прекина штрајкот со глад пред Медицинскиот факултет во Скопје, денеска реагираше на изјавите на министерот за здравство Сашо Клековски и порача дека досега аплицирал на сите повици на Министерството за здравство за вработување приватни специјализанти.
Неговата реакција следува откако Клековски изјави дека Василевски би можел да биде примен во најавената група од 300 приватни специјализанти доколку се пријави и ги исполнува потребните услови.
Василевски, пак, тврди дека веќе го направил тоа и дека се пријавувал на сите досегашни повици на Министерството.
„Сум аплицирал на сите повици од Министерството за здравство за вработување на приватни специјализанти, вклучително и последниот од август 2026 година“, напиша Василевски на Фејсбук.
Во прилог на објавата тој сподели и скриншот од апликацијата за која наведува дека ја поднел на 12 август. Според неговите зборови, пријавата ја испратил двапати за да биде сигурен дека е успешно доставена.
Василевски дополнително појасни дека не аплицирал на секој оглас за вработување, туку чекал можност на која би можел да ја работи специјалноста за која се определил – спортска медицина.
Тој посочи дека станува збор за една од најдефицитарните медицински гранки во земјава. Според податоците што ги наведе, во Македонија има околу 20 активни специјалисти по спортска медицина, кои се грижат за десетици илјади деца, професионални спортисти, рекреативци и балетски уметници.
Во реакцијата Василевски изрази и разочарување од темите што, според него, биле ставени во фокусот на јавната дебата околу неговиот случај.
„Жал ми е што наместо за ова, вие одлучивте да разговарате за (не)надлежности, просек, колку години сум студирал итн.“, му порача Василевски на Клековски.
Лекарот синоќа го прекина шестдневниот штрајк со глад пред Медицинскиот факултет. Тој претходно тврдеше дека бил одбиен на три конкурси за вработување и дека во постапките бил неправедно третиран.
По разговорот со деканот на Медицинскиот факултет, Василевски соопшти дека го завршува протестот пред факултетот, но најави дека неговата борба нема да заврши тука. Како што посочи, постапката за вработување ќе ја оспорува пред надлежните инспекциски и судски органи.
Клековски, од друга страна, претходно преку медиумите порача дека доколку Василевски се пријави на повикот за вработување на најавената група од 300 приватни специјализанти и ги исполнува предвидените услови, ќе може да биде примен во некоја од јавните здравствени установи.
Со денешната реакција, Василевски практично му одговори дека веќе аплицирал и дека неговата пријава за последниот повик била поднесена уште во август.