Ќе дојде денот кога ќе се срамат за тоа што го прават денеска и на граѓаните и на Македонија, рече македонскиот премиер Христијан Мицкоски како одговор на постојаните напади од опозицијата дека власта го кочи евроинтегративниот процес на Македонија.
Вели дека сe обидува да не ја коментира опозицијата, бидејќи смета оти нејзиното раководство не се занимава со државна политика, туку со личен напад врз него.
– Не сакам да коментирам ваков начин на незрело однесување на лидерството во опозицијата. И ќе го задржам ова право да не го коментирам. Еве, ќе се обидам со една реченица да кажам – ќе дојде денот кога ќе се срамат за тоа што го прават денеска и на граѓаните и на Македонија, рече Мицкоски.
Во врска со најавата од опозицијата дека ќе поднесат предлог закон за ветинг на функционерите поранешни и актуелни, Мицкоски истакна дека нема потреба да се чека таков закон и оти и сега има институции и механизми преку кои може да се направат проверки.
– Па, нека има предлог-закон, никој не го спори тоа. Но и сега може Управата за јавни приходи да направи ветинг, да провери. Имаат и сега алатки да проверат како се стекнува со златни визи во егзотични дестинации како Дубаи, колкав влог треба за да се стекнете со таква виза, како се ужива на скапи јахти на егејското крајбрежје итн. Управата за јавни приходи и сега може да провери и како политичари возат скапи автомобили сопственост на фирми кои добивале тендери за јаглен, па како средствата се уплаќани на фирми во Бугарија и така натаму. Мислам, јас можам да редам, еве нека биде ова еден сам почеток на тој процес на ветинг. Тоа може УЈП и веднаш сега да го направи, нема потреба да чека. Дури може и на полиграф да се отиде, па таму секој од политичарите да каже колку крадел, како крадел, од оние од опозицијата, се разбира, рече Мицкоски.