Најмалку 11 лица загинаа во голем руски ракетен напад и напад со беспилотни летала во текот на ноќта врз украинските градови.
Во Прилуки, во регионот Чернихив, руска ракета погоди станбена зграда. Загинаа најмалку пет лица, а најмалку 26 беа повредени, меѓу кои и пет деца.
„Денес, руската армија, како ‘роденденски подарок’ за Путин, уништи станбена зграда во Прилуки, во регионот Чернихив“, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи.
„Тоа беше обична станбена зграда од пет ката. Можеби сè уште има луѓе под урнатините. Спасувачките служби работат непрекинато на терен и прават сè што е во нивна моќ за да го пронајдат секое лице“, додаде тој.
Главниот град Киев, исто така, беше силно нападнат, како и градовите Днипро, Олександрија, Запорожје и Кременчук.
Градските власти на Киев соопштија дека две лица загинале во областа Дарница, во источниот дел на градот.
Од неодреден број балистички ракети истрелани кон Украина, пет биле соборени или неутрализирани со помош на мерки за електронско војување, соопштија воздухопловните сили.
Зеленски претходно ги повика граѓаните сериозно да ги сфатат предупредувањата за воздушен напад и предупреди дека, според најновите разузнавачки податоци, Русија подготвува голем напад врз Украина.
„Ве молам, ве молам, чувајте се. Ве молам, почитувајте ги предупредувањата за ракетна закана“, рече тој.