СДСМ ја обвини Владата дека повторно создава тензии во пресрет на најавените разговори со Бугарија, откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен порача дека македонскиот идентитет и јазик се заштитени во европскиот процес.
Според опозициската партија, пораките на Фон дер Лајен покажуваат дека на маса се реформите, европското обвинителство и уставните измени, но дека нема нова преговарачка рамка, нови услови или дополнителни гаранции.
„Македонскиот идентитетот е заштитен. Јазикот е заштитен. На маса се реформите, европското обвинителство и промена на Уставот. Нема нови услови. Нема нова преговарачка рамка, нема гаранции“, наведува СДСМ во соопштението.
Од партијата тврдат и дека нема основа за најавите за поништување на Преспанскиот договор или враќање на старото име на државата, кои, според СДСМ, биле дел од политичките пораки на Христијан Мицкоски во периодот пред и по доаѓањето на власт.
СДСМ воедно ја критикува реториката на премиерот во пресрет на најавената средба следната недела, на која, според партијата, треба да учествува министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
„Пред заминувањето на Тимчо Муцунски на средба следната недела, Мицкоски зборува за капитулација на фашистичка Бугарија и за окупација на територијата на денешна Македонија во Втората светска војна“, наведува СДСМ.
Опозициската партија оценува дека со ваквата реторика Владата не придонесува кон создавање услови за решение со Бугарија, туку ја зголемува политичката напнатост.
СДСМ се повикува и на изјавата на Мицкоски дека со Бугарија „се разговара, а не се преговара“, оценувајќи дека таквиот пристап не води кон конкретен исход.
„Не зборува за решение. Зборува за да не може ниту да се седне на масата“, се наведува во соопштението.
Од СДСМ велат дека не спорат со историските теми, но сметаат дека тие треба да ги разгледуваат историчарите, додека државните институции треба да се фокусираат на исполнувањето на условите и напредокот кон Европската Унија.
„СДСМ не спори со историјата. Историјата ја решаваат историчари. За државата тука се институциите, тие треба да обезбедат напредок“, наведува партијата.
Од опозицијата на крајот предупредуваат дека политичката реторика пред најавената средба може дополнително да го отежне дијалогот со Софија.