Наместо ветените подобри преговарачки позиции, Македонија се соочува со влошена позиција и упатување кон билатерални разговори со Бугарија. Одолговлекувањето и блокадата на европскиот пат го оддалечуваат членството во Европската Унија, предупреди заменик-претседателката на СДСМ, Фани Каранфилова Пановска.
-Колку се повеќе го одолговлекуваме процесот, позицијата на Македонија ќе се влошува. И тоа денеска се случи. Денеска се случи да Урсула фон дер Лајен го препрати Мицкоски на билатерални разговори со Бугарија – рече Каранфилова Пановска.
Таа подвлече дека непостапувањето по преговарачката рамка, договорена од 27 држави членки на ЕУ, води кон билатерализација на процесот.
-Нè викаа нас предавници. Велеа дека ќе го вратат името. Ветуваа дека ќе го раскинат Преспанскиот договор, ветуваа дека ќе обезбедат подобри преговарачки позиции.
И што се случи? Дојдоа на власт за да со доаѓањето на власт полека, но сигурно Преспанскиот договор за нив стана ремек-дело на дипломатијата. За Муцунски, членството во НАТО е одлична работа за бизнис-секторот.
Претседателката Силјановска самата потврдува дека со Преспанскиот договор е потврдено и нашето и нашиот идентитет македонски и македонскиот јазик – рече Каранфилова Пановска.
Додека другите земји кандидати напредуваат во пристапните преговори и отвораат кластери, додаде таа, Македонија се соочува со останување без патоказ за својот европски пат, велат од СДСМ.
Според неа, продолжувањето на блокадата носи сериозни последици за иднината на државата, заминување на младите и бизнисите и осиромашување на граѓаните.