Ѓаволот ја платил казната од 8.000 евра која, покрај условната казна, му беше досудена за ,,Синџир”

by valentina 10:52
10:52

Љупчо Пецов -Ѓаволот, кој беше обвинет во случајот ,,Синџир”, ја платил паричната казна од 8.000 евра која му ја одреди Кривичниот суд, заедно со условната казна затвор, информираа денеска од Кривичниот суд. Поточно, Пецов неодамна се спаси од затвор, бидејќи по признанието на вина беше осуден на условна казна од две години затвор.

Тој доби најблага казна за разлика од останатите обвинети, од кои дел кои беа осудени на затворски казни, иако Ѓаволот беше водич на криминалната група.

Акцијата „Синџир“ беше отворен кон крајот на 2023 година. Обвинителството ја водеше против 26 лица и 28 компании кои создале шема за даночно затајување преку фиктивни ДДВ-фактури со што државниот буџет го оштетиле за околу осум милиони евра.

Љупчо Пецов се гонеше како еден од организаторите на групата, а неговата фирма „Алма-комерц Ангел Пецов“ ДООЕЛ се наведуваше како клучен генератор на лажни фактури со кои се намалувал даночниот долг на поврзани компании.

Судот му изрече и споредна казна на Пецов – забрана за вршење дејност како основач или управител на правно лице, односно забрана да управува, раководи или располага со имот на правно лице, во траење од десет години.

Казна е изречена и на обвинетото правно лице ДУТУД А.К.А.П. ДООЕЛ, кое се наоѓа во стечај. На правното лице му е изречена парична казна од еден милион денари.

Дополнително, изречени му се и забрани за добивање дозвола, лиценца и концесија утврдени со посебен закон, забрана за учество во постапка за јавен повик, како и забрана за основање нови правни лица. Сите овие забрани се во траење од пет години.

Од Кривичниот суд посочуваат дека при определувањето на казната била земена предвид и потребата од обезбедување процесна избалансираност во однос на останатите обвинети во комплексниот кривично-правен случај.

Како што наведуваат од судот, и други обвинети ја признале вината, ја надоместиле паричната штета, а во раздвоените постапки им биле изречени алтернативни мерки.

Од друга страна пак Ѓаволот ги смести во затвор и притвор поранешниот државен правобранител Фехми Стафа и судијата Ѓоко Ристов, кој ги обвини дека му барале мито за да се спаси од притвор.

В.В.

Слични вести