Левица до Филипче и Мицкоски: Немаме хипотеки за да бидеме уценувани

by vlatko 20:03
20:03

Присуството на Левица на јавната трибина „Што по 35 години?” очигледно го наруши удобниот простор во кој 35 години функционира алаш-вериш пазарот помеѓу СДСМ и ДПМНЕ, велат од партијата.

„Денес само ја повторија старата претстава: Мицкоски се обидува да нè смести во политичката орбита на СДСМ, додека Филипче, на прес-конференција со бизарна кореографија и лошо одглумен ентузијазам, нè прогласи за сателит на Мицкоски. Во таа упорна противречност се наоѓа и најдобриот одговор на двајцата. Tолку се навикнати секоја политичка сила да биде нечија, што не можат да прифатат дека Левица е своја и автентична како производ на времето.

По три и пол децении политика сведена на две партиски адреси, најтешко им е да ја прифатат наједноставната можност дека во Македонија созреа политичка сила која не бара дозвола, легитимитет ниту место под сонцето од кој било од нив и, пред сè, нема криминали и корупциски скандали поради кои може да биде уценувана“, се вели во соопштението на Левица.

Од партијата додаваат дека јавноста добро го познава политичкиот багаж на старите партиски раководства и дека Левица, како што велат, нема скриена хипотека што треба да ја отплаќа со противуслуги.

„Затоа не мораме денес да говориме за правда, а утре да го прекројуваме Кривичниот законик во корист на вмровски функционери; да убедуваме обвинители да одмрзнуваат туѓ партиски имот; или заедно со вмровски советници да гласаме ДУП-ови во интерес на бизнис-елитата. Левица настана од непомиреноста со таквиот поредок и од одбивањето бедата и неправдата да се прифатат како судбина. Немаме политички долг што мораме да го вратиме, ниту досие со кое може да ни го стишат гласот“, се наведува во соопштението.

Слични вести