(Видео) Швајцарија лесно победи во Скопје

by jadranka 22:53
22:53

Македонија немоќна против првиот фаворит во дивизијата „Б“ на Лигата на нации. Националниот фудбалски состав загуби од Швајцарија со 0-3 во воведниот натпревар од новото издание во Лигата. Гостите беа апсолутно надмоќни и ја оправдаа фаворитската улога, а стрелци на головите беа Ремо Фројлер во 22.минута и Зеки Амдуни во 42. и во 74. минута.

Швајцарците тргнаа офанзивно уште од стартот, не успеа Ндоје, а во деветтата минута Зеки Амдуни ја имаше првата голема шанса. Влезе во шеснаесетникот, а иако беше опколен од неколку македонски дефанзивци упати удар, за наша среќа, крај голот.
Амдуни се закани и во 13.минута, но повторно крај голот, а три минути подоцна возврати Матеј Гаштаров на спротивната страна. Се обиде со удар од далечина, но беше многу непрецизен.

Швајцарија поведе во 22.минута. Гостите извршија комплетен притисок на голот на Столе Димитриевски, топката дојде до Ремо Фројлер, кој од 12 метри со одмерен удар го совлада македонскиот голман.

Постигнаа гол, но Швајцарците продолжија во ист ритам, па Манзамби сериозно ги загреа дланките на Столе Димитриевски, а во 27.минута Дан Ндоје го погоди дирекот, откако македонскиот голман претходно имаше одлична интервенција.

Блескава реакција имаше Столе Димитриевски и во 39.минута, кога Јохан Манзамби упати прецизен удар во горниот десен агол, а голманот бравурозно одбрани и исфрли во корнер.

Во 42.минута, Швајцарците го удвоија водството. Атекаме уфрли од десната страна, Зеки Амдуни непречено дојде до топката и од прва ја пласираше во мрежата на Македонија.

На почетокот на вториот дел, по еден старт на Гаштаров германскиот судија Даниел Шлагер му додели црвен картон, но по асистенција од ВАР собата сепак ја повлече одлуката и го остави македонскиот репрезентативец на теренот, доделувајќи му жолт картон.

Во 64.минута, нова одлична акција на Швајцарија, Дан Ндоје излезе сам пред Столе Димитриевски, но македонскиот голман беше на вистинското место.

Сепак, не можеше да стори ништо повеќе во 74.минута, кога Зеки Амдуни уште еднаш ја затресе неговата мрежа.

Седум минути подоцна Амдуни можеше и до хет-трик, но Столе Димитриевски успеа да одбрани. Следниот натпревар нашата репрезентација го игра нагости против Словенија.

Слични вести