„Јас сум се видел со тие луѓе во изминатиот период, поединечно. Сметам дека тоа е платформа којашто е нов ЗНАМ. Тоа се луѓето коишто беа на многу високи партиски функции, коишто молчеа кога се формираше првиот ЗНАМ. Па сега сакаат со пуч да ја преземат партијата. Партијата има демократски институции. Можеа да се кандидираат за раководство. Како тоа сега сакаат да ја преземат партијата, и тоа од кафеана, од ресторан или од хотел? Како мислат дека може така да влетаат и нешто да им припадне понатаму?“ рече денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Сакам јасно и гласно да порачам: каква реформа бараат во партијата? Партијата е единствена што на овој начин, силно, отворено, транспарентно и со податоци, се бори со Христијан Мицкоски и со неговата арамиска, антинационална и антимакедонска политика на изолација, корупција и уназадување на општеството, не само на државата. Каква реформа бараат овие луѓе? Пак ќе кажам, јас сум спремен да се сретнам со кој било и да дебатирам на која било тема. Јас знам дека секоја дискусија тие ќе ја загубат, затоа што намерите не им се искрени и чесни“ рече Филипче.
Тој порача „не може пратеник којшто е избран, Славјанка Петровска, на која СДСМ ѝ дал мандат, на денот на поставување пратенички прашања, наместо да биде во Собранието и да ја прашува власта, да оди таму на дебати и да се расправа за партијата којашто ѝ дала доверба да биде пратеник. Тоа се нелогичности и оттука произлегува нивната нечесна намера. Тоа е нов ЗНАМ. Втора варијанта, затоа што овој сега пропадна. Но, јас тоа нема да го дозволам“.
„Луѓе коишто ја пишуваа програмата во 2024 година. Игор Ивановски со таа програма доживеа дебакл. Андреј Петров, којшто беше член на Извршниот одбор, на Извршниот одбор на партијата пред којшто Бујар Османи го презентирал францускиот предлог, и тогаш тој немал забелешка за францускиот предлог. Па сега има забелешка за мене и за моите ставови, затоа што ние зборуваме за Европа. Никола Ќуркчиев, којшто добил тендер од 1,6 милиони евра од власта. Емилијан Станковиќ е небитен“ вели Филипче.