Конференцијата за Југославија

По повод церемонијалното отворање на Конференцијата за Југославија, се усвои заедничка декларација. Во декларацијата се истакнува дека „претставниците на Европската заедница и на Југославија и на нејзините републики, се собраа во Палатата на мирот во Хаг на 7 септември 1991 година, „...со заедничка цел да донесат мир во цела Југославија и да изнајдат трајни решенија со кои ќе се остварат нивните легитимни заложби и аспирации.“

by valentina 12:16
12:16

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

 35 години независност – сеќавања на првиот министер за надворешни работи на Република Македонија

Два месеца по отпочнувањето на борбите во Словенија и во Хрватска, во август 1991 година, се свика Конференцијата на Европската заедница за Југославија. Целта за нејзиното свикување беше да се институционализира еден заеднички форум, на кој сите заинтересирани страни во југословенскиот конфликт, со поддршка на претставници на Европската заедница, ќе бараат решение за иднината на државата. Изјавите на поддршка од страна на ЕЗ-САД-СССР, пак, укажуваа на синхронизираниот напор на меѓународната заедница да се поттикне процесот на мирно решавање на конфликтот. Имено, стана евидентно дека по прогласената независност на Словенија и на Хрватска во јуни 1991 година и ескалацијата на непријателствата што следеше, домашните југословенски фактори не се во состојба да произведат мирно решение. Во таа смисла, Конференцијата беше еден вид одговор на неуспешниот обид на водачите на републиките, во зимата 1990-1991 да ја редефинираат федерацијата преку натамошна децентрализација на моќта. Тој неуспех резултираше со првите манифестации на распаѓање, со закана од Словенија и Хрватска дека во текот на летото ќе се отцепат од сојузот и со одговор од Србите од Краина, кои ја прокламираа својата независност од Хрватска и желбата за приклучување кон Србија. Пропаѓа и обидот на Македонија и Босна и Херцеговина да се премости јазот меѓу ставовите на Србија, од една страна, и ставовите на Словенија и Хрватска, од друга, со планот „Глигоров-Изетбеговиќ.“ Загрижената и збунета „меѓународна зедница“ се обидува да го спречи хаосот и да ја сочува државата, заканувајќи се дека Европската заедница ќе го суспендира Вториот финансиски протокол, како и преговорите за асоцијација за Југославија.

Ништо од ова не помогна. Европската заедница, со толку многу искуство во интеграција, го немаше искуството со насилната дезинтеграција на една заедница на народи, која потклекна под ударите на непомирливите национализми. Ова беше и првото вакво искуство на ЕЗ, која ја стави на проба својата заедничка надворешна и безбедносна политика (CFSP).

Во билтените на Заедницата се дефинира мандатот на Конференцијата „…да обезбеди мирно приспособување на конфликтните аспирации на југословенските народи врз база на следните принципи: да нема унилатерална промена на границите по пат на сила, да се заштитат правата на сите во Југославија и целосно да се почитуваат сите легитимни грижи и стремежи.“ Следи изјавата на Европскиот политички комитет  (EPC) неколку дена подоцна, во која се констатира новата ситуација во Југославија, која наложува „нови односи и структури“, но се подвлекува дека ЕЗ е подготвена „да прифати каков било исход што е резутат на преговори водени со добри намери.“

По повод церемонијалното отворање на Конференцијата за Југославија, се усвои заедничка декларација. Во декларацијата се истакнува дека „претставниците на Европската заедница и на Југославија и на нејзините републики, се собраа во Палатата на мирот во Хаг на 7 септември 1991 година, „…со заедничка цел да донесат мир во цела Југославија и да изнајдат трајни решенија со кои ќе се остварат нивните легитимни заложби и аспирации.“ „За таа цел“, се вели натаму во Декларацијата, „одлучуваме да воспоставиме арбитражна комисија во рамките на Конференцијата.“ Нагласувајќи дека „со тоа се означува почетокот на преговорите за иднината на Југославија и на нејзините народи“, во Декларацијата се наведува дека „решенијата мора да ги земат предвид интересите на сите што живеат таму.“ Обврзувајќи се на „мирно решавање, кое почива врз сите принципи и заложби договорени во процесот на КЕБС“, учесниците ја изразуваат својата одлучност „никогаш да не признаат промени на кои било граници што не настанале со мирни средства и по пат на договор.“ Подвлекувајќи ја посветеноста на „обврските преземени од Париската повелба за нова Европа што ја гради, ја консолидира и ја јакне демократијата како единствен систем на владеење за сите нас „учесниците на Конференцијата“, кои „свечено ја обврзуваат својата волја“ да сторат сè што е во нивна моќ, конференцијата да се одвива во услови на мир поради што е неопходно почитување на прекинот на огнот. Конференцијата беше раководена од лордот Питер Карингтон, пратеникот за мир на Европската заедница.

ЛОРД КАРИНГТОН

Шестиот барон Карингтон, роден во 1919 година, чии предци ја добиваат благородничката титула во осумнаесеттиот век, беше човек со завидна биографија. Образован на Итон и на воената академија во Амхерст, ја наследува титулата во 1939 година, а го зазема своето место во Домот на лордовите по завршувањето на Втората светска војна и неговата демобилизација од армијата. Потоа служи во владите на неколку конзервативни премиери: Винстон Черчил, Антони Иден, Харолд Макмилан и Едвард Хит. Во неговата биографија е запишано дека, меѓу другото, бил висок комесар за Австралија (1956-59), прв лорд на Адмиралитетот (1959-63), водач на Домот на лордовите (1963-64), министер за одбрана (1970-74). Кога Маргарет Тачер победува на изборите и ги враќа конзервативците на власт, лорд Карингтон е назначен за министер за надворешни работи. Во тоа својство, Карингтон ја води британската колонија Родезија, денес Зимбабве, кон независност и претседава со Уставната конференција од куќата Ланкестер, на која сите фракции постигнуваат согласност за новиот Устав и за слободни избори. Кога Зимбабве се здобива со независност во 1980 година, заслуга и на нејзиниот архитект лордот Карингтон, малку кој го предвидува тоа што ќе се случи две години подоцна. Имено, Аргентина врши инвазија на Фокландските Острови, а Карингтон ја презема врз себе вината за прекинот на дипломатските преговори меѓу двете држави, но и за неможноста да го предвиди нападот и поднесува оставка. За да му се оддолжи, Маргарет Тачер успева да го издејствува местото генерален секретар на НАТО за лордот Карингтон, кој останува на таа функција четири години (1984-88). Во 1991 година е именуван за пратеник на Европската заедница за мир на Балканот и доверено му е претседавањето со Конференцијата за Југославија.

Застанати околу масата на која треба да седнат министрите за надворешни работи на републиките и сојузниот југословенски министер, заедно со претставници на Европската заедница за свечениот ручек, се запознав со претседавачот на Конференцијата, лорд Карингтон. Тоа беше човек со извонредна смисла за хумор, толку во контраст со неговата строга физиономија врамена во очила со истакнати црни рамки. Како и ние, и Карингтон, имав впечаток, беше возбуден од историскиот момент и тешката мисија пред него. Разговорот што го почнавме ќе мораше да се прекине бидејќи моето име беше на спротивната страна на масата. Додека сè уште не беа пристигнати другите министри за надворешни нработи, мојот нов познаник, со брзи чекори, налик на трчање, премина кон другата страна на тркалезната маса и назад, го смени картончето со моето име, така што „новиот протокол“ сега предвиде јас да седам до него. Разговорот, така, можеше да продолжи. Тој се интересираше за состојбите во Југославија, јас, пак, за неговиот успех како посредник во конфликтот во Родезија, кој заврши со мировен договор. Ќе можете ли да го повторите тоа и во Југославија, прашав. Со типичен англиски хумор (на сопствена сметка) ми ја откри „тајната“ на неговиот успех. Завојуваните страни, ми рече со голема насмевка на сериозното лице, беа толку изморени од повеќегодишното војување, што одвај чекаа да им предложам мир! Дали е таква ситуацијата и во Југославија, праша. Војните во Југославија само што почнаа и никој не е изморен, беше мојот коментар.

На првата седница на Конференцијата Карингтон предупреди дека „успехот или неуспехот на Конференцијата“ е во наши раце, а не во негови, изразувајќи надеж дека натамошната ескалација не е во ничиј интерес. Забележа дека „се надева дека сите се сериозни околу оваа конференција.“ Побара воздржаност во изјавите за пресот, особено за внатрешните несогласувања.

„На крајот од состанокот ќе одржам прес-конференција“ и додава во шега, „и јас нема да кажам многу.“

Во месеците што следеа, расправајќи на конференциската маса и надвор од неа, за тешките човечки страдања што ги предизвика агонијата, а потоа и смртта на Југославија, подобро ги запознав чувствата и ставовите на лорд Карингтон, како, впрочем, и тој моите. Симпатиите беа обострани, па така, во еден заеднички разговор, на претседателот Глигоров, шеретски му вели дека има одличен министер за надворешни работи. Глигоров љубопитно очекува образложенија. „Има смисла за хумор!“, со смеење вели Карингтон.

(Продолжува) 

 

Слични вести