Српската АЛТА банка, која во 2025 година ја презеде Стопанска банка Битола, тргнува и по Силк Роуд Банка АД Скопје, дознава Фактор.
Информацијата засега не е официјално потврдена од двете банки, но доколку се мине како што се очекува, тоа би било второ големо преземање на македонска банка од страна на АЛТА групацијата за релативно краток период. Од Алта банка и Силк Роуд засега ниту ја потврдуваат, ниту ја демантираат веста, а официјалната информација за понуда за преземање се очекува наскоро.
АЛТА банка во Македонија влезе преку преземањето на Стопанска банка АД Битола. Во септември 2025 година Комисијата за хартии од вредност ѝ даде дозвола на АЛТА банка АД Белград да даде понуда за преземање на акциите на Стопанска банка Битола. Понудата беше по цена од 3.777 денари за акција, а се однесуваше на 371.538 обични акции. Комисијата наведе дека со акциите што веќе ги поседувале АЛТА банка и лицата со кои дејствува заеднички, понудата опфаќала 100 отсто од основната главнина на битолската банка. На крајот, понудата ја прифатија 262 акционери со вкупно 344.420 акции. Само вредноста на овие акции по понудената цена изнесува околу 1,3 милијарди денари, односно околу 21 милион евра.
Силк Роуд Банка е една од постарите деловни банки во Македонија. Основана е во 1993 година, тогаш под името Кредитна банка АД Скопје. Во мај целокупниот акционерски капитал беше купен од Silk Road Capital, по што банката го доби денешното име. Денес единствен акционер е Silk Road Capital AG од Цирих, Швајцарија, со 100 отсто од акциите.
Банката има 14 експозитури и 163 вработени, според сопствените податоци. Според ревидираните финансиски извештаи за 2025 година, Силк Роуд Банка на крајот на минатата година имала вкупна актива од околу 12,2 милијарди денари, односно приближно 198 милиони евра
Инаку во тек е големо прекројување кое се најавува на македонскиот банкарски пазар. Австриската Steiermärkische Bank und Sparkassen AG, групацијата што стои зад Шпаркасе Банка АД Скопје, официјално ја објави намерата да ја преземе УНИ Банка АД Скопје, и тоа преку понуда за сите обични акции, односно за 100 проценти од акционерскиот капитал и гласачките права.