„Говеда, џукели, ќе ве запалам, ќе ве ставам под нозе“ – вработени во судот во Куманово се жалат од претседателка на судот

by irena 18:06
18:06

Синдикатот на УПОЗ бара Судскиот совет итно да постапи по претставките поднесени од вработени во Основниот суд во Куманово, кои тврдат дека со години се изложени на навреди, притисоци и недолично однесување од страна на претседателката на судот, Снежана Манев.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски, денеска пред Основниот суд во Куманово побара институциите да ги испитаат сите наводи и да ги заштитат вработените.

Според Деаноски, од вкупно 90 вработени во судската администрација, 75 ја потпишале претставката против претседателката. Дел од вработените за време на паузата излегле пред судот за да го изразат незадоволството од условите и атмосферата во која работат.

Деаноски обвини дека до Судскиот совет и Министерството за правда повеќепати биле доставувани претставки, но оти досега немало соодветна реакција. Тој рече дека при посетата на двајца претставници на Судскиот совет, наместо да се разгледуваат наводите од претставките, вработените поединечно биле повикувани да потврдат дали потписите на документот се нивни.

Деаноски изнесе сериозни обвинувања за однесувањето на претседателката, наведувајќи дека вработените биле навредувани и по лична, верска и национална основа. Тој цитираше низа навреди и закани кои, според него, биле упатувани кон вработените, меѓу кои и: „говеда“, „џукели“, „глупи сте“, како и закани дека ќе бидат ставени „под нозе“ или дека „ќе бидат запалени“.

Според Деаноски, дел од овие навреди биле упатувани и пред странки и граѓани.

Претседателката на Основниот суд во Куманово, Снежана Манев, ги отфрла обвинувањата. Таа денеска не била на работа, а новинарите ги примил нејзиниот заменик Неџат Мемети, кој соопштил дека Манев е оправдано отсутна и го доставил нејзиното писмено соопштение.

Во него Манев тврди дека наводите за незаконско и недолично однесување кон вработените се „потполно неточни и невистинити“.

Според претседателката, протестот бил организиран од судскиот администратор, претседателот на синдикатот, еден службеник и неколкумина вработени. Како повод за протестот таа ја посочува дисциплинската постапка против судскиот администратор поради, како што наведува, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи.

Манев истакнува дека поради намалувањето на бројот на вработени во судот се врши реорганизација и поголемо ангажирање на постојниот кадар.

Слични вести