Партијата на рускиот претседател Владимир Путин, „Единствена Русија“, како што се очекуваше, освои големо мнозинство на парламентарните избори.
Изборите беа проследени со сајбер-напади и напади со украински беспилотни летала, на кои Москва вети дека ќе возврати.
Ниту една партија што се противи на конфликтот не доби дозвола да учествува на овие избори за долниот дом на парламентот – први по почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година. Гласање се одржа и на украинските територии окупирани и анектирани од Русија.
Според официјалните резултати објавени од руските агенции по пребројувањето на три четвртини од гласовите, „Единствена Русија“ освои 57,5 отсто од гласовите, додека комунистите добија 14 отсто, а националистичката ЛДПР – 8,7 отсто.
Се чини дека владејачката партија значително ќе го подобри својот резултат од 2021 година (49,8 отсто).
Според проценките на агенцијата ТАСС, веќе е извесно дека партијата ќе го задржи двотретинското мнозинство во Думата, што претставува праг кој овозможува усвојување уставни амандмани.
Изборната комисија ја поздрави зголемената излезност на гласачите (56,7 отсто), и покрај отсуството на неизвесност на изборите одржани во земја каде што несогласувањето со власта е строго потиснато.
Покрај партијата на Путин, право на учество имаа само групи кои во различна мера го поддржуваат рускиот претседател, како и продолжувањето на конфликтот во Украина.
На партијата „Јаблоко“, единствената што отворено се противи на војната, ѝ беше забрането учество.
Дмитриј Медведев, поранешен претседател и актуелен лидер на владејачката партија, ги поздрави резултатите како знак на доверба во раководството. Медведев вети дека ќе го поддржи курсот зацртан од претседателот и дека ќе ја приближи земјата до победа.
Ела Памфилова, претседателката на Изборната комисија, изјави дека прелиминарните резултати ќе бидат објавени денес пред пладне.