Влијанието на Белград и на концептот на таканаречениот „српски свет“ во Северна Македонија денес е поголемо од кога било досега, оценуваат од ДУИ, реагирајќи на изјавите на српскиот претседател Александар Вучиќ.
Од партијата тврдат дека не станува збор само за политичка перцепција, туку за прашање кое, според нив, е нотирано и во извештаи и проценки на меѓународни институции.
Реакцијата следува по обраќањето на Вучиќ поврзано со првостепената пресуда на Специјализираните совети на Косово во Хаг против поранешните водачи на ОВК. Од ДУИ оценуваат дека неговата изјава има цел да го пренасочи вниманието од суштинските прашања.
Партијата реагира и на споредбите меѓу Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Специјализираните совети на Косово, нагласувајќи дека станува збор за институции со различен правен и институционален статус.
Хашкиот трибунал за поранешна Југославија беше основан во 1993 година со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации. Специјализираните совети на Косово, пак, се формирани врз основа на косовското законодавство и уставните измени, а седиштето им е во Хаг.
„Овој обид за манипулирање и дефокусирање на јавноста е сличен и на обидите на македонските политички партии во текот на вчерашниот ден да го изедначат Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија, основан од Советот за безбедност на ОН во 1993 година, со Специјализираните совети на Косово“, велат од ДУИ.
Од партијата додаваат дека нема да дозволат, како што наведуваат, „наративите увезени од Белград“ да ја диктираат политичката дебата во земјата или да влијаат врз меѓуетничките односи, стабилноста и европската ориентација на државата.
Вучиќ, во своето обраќање за пресудата во Хаг, изјави дека таа не ги опфаќа злосторствата против човештвото и други злосторства извршени врз Срби. Тој ги оцени како лицемерни дел од реакциите од меѓународната заедница и регионот и тврдеше дека со години постои ист наратив насочен против Србите.
Српскиот претседател исто така изјави дека механизмот пред кој се води постапката против поранешните водачи на ОВК бил создаден пред 11 години под притисок на меѓународната заедница, за да се избегне формирање ад хок трибунал.