ОМО „Илинден“ – Пирин ги отфрли тврдењата на бугарската претседателка Илијана Јотова дека македонските организации во Бугарија не успеваат да се регистрираат затоа што при поднесувањето на барањата постојано им недостигаат документи.
Стојко Стојков вели дека документацијата се поднесува според урнеци на веќе регистрирани здруженија, но дека бугарските институции при секој нов обид утврдуваат нови недостатоци.
„Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти“, изјави Стојков.
Реакцијата следува откако Јотова во Стразбур, по средбата со генералниот секретар на Советот на Европа Ален Берсе, изјави дека Бугарија ги спровела досегашните препораки во предметите поврзани со ОМО „Илинден“ и дека ја променила законската рамка за да овозможи регистрација.
Според Јотова, проблемот сега е во самите барања за регистрација.
„За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ“, изјави бугарската претседателка, изразувајќи надеж дека надзорот над предметите наскоро ќе заврши.
Стојков, пак, тврди дека станува збор за обид причината за неуспешните регистрации да се префрли врз македонските организации.