Македонката која усмрти шарпланинец во Црна Гора излегува од затвор по 45-дневната казна

by irena 18:47
18:47

Македонската државјанка Сашка Стојановска ја отслужи 45-дневната затворска казна, откако Основниот суд во Улцињ ја осуди за намерно прегазување и усмртување куче од расата шарпланинец, објавија подгорички „Вијести“.

Стојановска, која е од Скопје, го напуштила затворот пред нешто повеќе од една недела. Во изречената казна ѝ било пресметано и времето што го поминала во притвор од 24 јули годинава.

Случајот се случил на 24 јули во попладневните часови, во населбата „Улцињско Поле“. Според претходно објавените информации на „Вијести“, Стојановска со автомобил го прегазила шарпланинецот, откако претходно тој го нападнал и тешко го повредил нејзиното куче, кое подоцна им подлегнало на повредите.

Основниот суд во Улцињ ја прогласил за виновна за кривично дело убивање и мачење животни и уништување на нивното живеалиште, согласно член 309 став 1 од Кривичниот законик на Црна Гора.

При одредувањето на казната, судот ги зел предвид и олеснителните околности. Меѓу нив биле нејзините семејни прилики, фактот дека е мајка на две деца, од кои едното е малолетно, како и тоа што претходно не била осудувана.

Како олеснителна околност било земено предвид и тоа што во моментот кога го сторила делото била со битно намалена пресметливост. Ваквата состојба била утврдена врз основа на наод и мислење од вештак психијатар.

Со оглед на тоа што времето поминато во притвор од 24 јули ѝ било засметано во казната, Стојановска веќе ја отслужила изречената казна од 45 дена затвор.

Слични вести