Филипче: СДСМ повторно ќе предложи конкретни мерки за да им се помогне на лозарите

by irena 18:32
18:32

Лозарите се соочуваат со сериозни проблеми со откупот на грозјето, при што црното грозје од сортата вранец останува непродадено и скапува, додека белото се откупува по цена од 14 денари за килограм. На ваквата состојба укажале лозари од неготинското село Тремник на денешната средба со претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче оцени дека лозарите се доведени во ситуација целогодишниот труд и вложените средства да им пропаѓаат, а, според него, Владата досега не презела соодветни мерки за справување со проблемот.

Тој посочи дека проблемите не се ограничени само на Неготинско, туку со слична состојба се соочуваат лозарите и во другите делови од земјата.

„Во услови кога власта има 5,5 милиони евра за Дејвид Гета, за лозарите нема пари“, изјави Филипче.

Тој направи споредба и со периодот кога СДСМ беше на власт, посочувајќи дека тогаш биле зголемени субвенциите, исплатите се вршеле навреме, а при проблеми со откупот биле воведувани интервентни мерки.

Од СДСМ најавуваат дека ќе подготват нов предлог за финансиска поддршка на лозарите, врз основа на актуелната состојба на терен.

Според Филипче, најпрво ќе се утврди колкави количини грозје се веќе предадени, колку останале неоткупени и колкав дел од родот скапува на нивите, вклучително и поради дождовите. Врз основа на тие податоци, партијата ќе подготви предлог-мерка која ќе ја достави до Собранието.

Филипче потсети дека СДСМ уште на почетокот на откупната сезона предложил зголемување на откупната цена за пет денари по килограм, укинување на осумпроцентниот попуст што се бара за побрза исплата, како и интервентен државен откуп на црното грозје кое би останало непродадено.

Според СДСМ, овие предлози не биле прифатени од Владата.

Слични вести