Претседателот на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА), Џани Инфантино, планирал да ги зголеми своите годишни приходи на 30 милиони долари, плус дополнителни бонуси, преку реализација на комерцијален проект за формирање на подружницата на ФИФА наречена „Forward Enterprise“, објави на 2 август новинарот на „Тајмс“, Мартин Зиглер, повикувајќи се на одредени извори.
„Инфантино целеше кон плата од 30 милиони долари, плус бонуси, за водење на новата компанија на ФИФА“, напиша Зиглер на социјалната мрежа „Икс“.
Според развиениот концепт, новата комерцијална компанија требало да добие целосна контрола врз правата за организирање на сите најважни светски првенства во машка и женска конкуренција.
Сепак, обидот да се продадат удели во најголемите турнири на инвеститори наиде на остри критики и осуда од страна на континенталните конфедерации и фудбалските функционери, кои го обвинија раководството на ФИФА за промовирање лични интереси со цел да се добијат повеќемилионски бонуси.
„Њујорк пост“ претходниот ден објави дека ФИФА се откажала од планот да продаде дел од правата за најголемите турнири на надворешни инвеститори за 20 милијарди долари, по отворениот отпор од фудбалските функционери ширум светот и заканата за бојкот од страна на УЕФА.
Плановите на Инфантино за привлекување приватни инвеститори и финансирање на организацијата преку продажба на правата за турнирите беа објавени во јавноста на 28 јули.
Поради ова, УЕФА на 30 јули најави бојкот на турнирот на ФИФА, со порака дека европските фудбалски структури ќе ги бранат своите интереси и ќе се спротивстават на плановите на Инфантино, за кои сметаат дека „немаат место во светскиот фудбал“.
Планот на челниците на ФИФА, како што беше наведено, имал за цел максимизирање на финансиската добивка и првично се разгледувал во тајност, без консултации со други претставници на фудбалската индустрија.