(ВИДЕО) Тројца загинати и десетици повредени пред елитен ресторан во Москва

by irena 08:55
08:55

Најмалку три лица загинаа, а 21 се повредени во експлозија пред италијанскиот ресторан „Балци Роси“ во центарот на Москва, објавија руските државни медиуми повикувајќи се на безбедносните служби, пренесува Би-Би-Си.

Според рускиот Национален антитерористички комитет, жена што носела импровизирана експлозивна направа се обидела да влезе во ресторанот, но била запрена од обезбедувањето. Во тој момент бомбата експлодирала. Загинаа жената, еден припадник на обезбедувањето и еден гостин на ресторанот, каде што во тоа време се одржувала приватна прослава.

Антон Герашченко, поранешен советник во украинското Министерство за внатрешни работи, на мрежата „Икс“ објави дека неколку руски медиуми и блогери известиле оти Александар Чајко, командант на руските Воздушно-космички сили, го прославувал својот роденден во ресторанот.

Властите сè уште не соопштиле кој бил можниот таргет на нападот, но во Русија веќе се шпекулира дека експлозијата би можела да биде поврзана со војната во Украина. Во последните години, неколку високи руски воени функционери беа убиени во Москва и нејзината околина, а Кремљ за тие напади ја обвини Украина.

Првичните информации говореа дека експлозијата се случила во кујната на ресторанот, но раководството подоцна соопшти дека инцидентот се случил надвор од објектот.

Ресторанот се наоѓа во една од познатите московски згради од сталинистичката ера, а полицијата ги затвори околните улици по експлозијата. Руската новинска агенција РИА објави снимки на кои се гледаат тешко вооружени безбедносни сили како го обезбедуваат местото на настанот.

Слични вести