Mакедонската државјанка С.С (43) денеска во Улцињ е уапсена под сомнение дека прегазила и убила куче со својот автомобил, соопшти Полициската управа на Улцињ.
Од Управата наведуваат дека полицијата брзо ја идентификувала, пронашла и, по наредба на државниот обвинител во Основното државно обвинителство во тој град, ја уапсила С.С.
„По извршувањето на кривичното дело, таа имала намера да ја напушти територијата на Црна Гора, но полицијата ја спречила во тоа“, се вели во соопштението.
Имено, полицијата наведува дека дежурната служба на Одделот за безбедност на Улцињ денес околу 15:15 часот била известена од сопственикот на убиеното куче дека претходно непознато лице, кое управувало со бел Мерцедес со скопски регистарски таблички, намерно го прегазило и убило кучето на улицата.
Како што се додава во соопштението, полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот и го откриле идентитетот на лицето кое возело.
Веднаш била започната потрага по неа. Полицијата наведува дека околу 16:40 часот била пронајдена и запрена на Заедничкиот граничен премин „Сукобин – Муриќани“.
Потоа С.С. била донесена во полициските простории, каде што била спроведена кривична истрага.
Осомничената ќе биде изведена пред надлежниот државен обвинител во законски предвидениот рок.