Жителите на Гостивар се очекува до крајот на оваа недела да добијат техничка вода, додека кон крајот на следната недела би можело повторно да имаат и безбедна вода за пиење, изјави директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска.
-Според информациите што ги добиваме од експертските тимови, очекувањата се до крајот на оваа недела граѓаните да добијат техничка вода, а кон крајот на следната недела и вода за пиење – рече Андоновска на Сител.
Таа информираше дека Институтот за јавно здравје двапати излегол на терен во Гостивар за земање примероци од водата.
Првото земање примероци било извршено минатиот четврток попладне на четири локации, а второто во понеделникот на две локации, претежно на јавни површини.
Според неа, резултатите се разликуваат од локација до локација.
– На одредени места има отстапувања во микробиолошките параметри и во нивото на резидуален хлор. Добро е што физичко-хемиските анализи во моментот се исправни.
Во дел од примероците е утврдено присуство на колиформни бактерии и мезофилни аероби, додека кај други нема микробиолошка неисправност, но има недостаток на резидуален хлор – објасни директорката на ИЈЗ.
Таа нагласи дека, според важечките правилници, овие резултати значат дека водата од тие мерни места во моментов не е безбедна за пиење.